Линкови за пристапност

Најнови вести 5-27 - 2003-05-27


Ирак

Буш-СИДА

Кина-Русија

Турција-авионска несреќа

Алжир-авионска несреќа

САРС

Ирак

Двајца американски војници загинале, а деветмина други се повредени по нападот на единица на американската воена единица во ирачкиот град Фалуџа.

Американската Централна команда вели дека непознатите вооружени лица ја нападнале единицата утрово со лесно оружје и крстосувачки ракети. Централната команда вели дека војниците возвратиле на нападот, убивајќи двајца напаѓачи, а шестмина биле уапсени. Фалуџа се смета за упориште на соборениот ирачки лидер Садам Хусеин. Во меѓувреме, Централната команда вели дека коалиционите сили фатиле уште двајца од листата „најбарани“ претставници на режимот на Садам Хусеин. Со апсењето на двајцата регионални претседатели на Партијата Баат, во американски притвор се речиси половината од 55-те лица од оваа листа.

Буш-СИДА

Претседателот Буш го потпиша законот за борба против СИДА-та во Африка и Карибите, во вредност од 15 милијарди долари.

На церемонијата во Стејт департментот претседателот кажа дека САД имаат морална обврска да дејствуваат за спречување на смртноста и страдањата од СИДА. Со законот се предвидуваат 15 милајрди долари за пет години и тоа за откривање, лекување и превенција на ХИВ-вирусот и СИДА-та во 14 суб-сахарски африкански и карибски држави, кои се најмногу погодени од оваа болест. Предвидени се и средства за набавка на лекови, за болничка нега и кампања за апстиненција. Господинот Буш ги повика најразвиените земји од Групата-8 да преземат исти чекори против оваа болест.

Кина-Русија

Русија и Кина потпишаа заедничка декларација со која се залагаат за зајакнување на стратешката соработка.

Кинескиот претседател Ху Џинтао и неговиот руски колега Владимир Путин по церемонијата на потпишување изјавија дека нивното партнерство вклучува изградба на нафтовод од Сибир до Кина. Двајцата претседатели исто така се согласија да ја зголемат соработката во борбата против ширењето на САРС во Русија. Претходно, господата Ху и Путин ја повикаа Северна Кореја да не произведува нуклерано оружје, а на Вашингтон му порачаа да не употреби воена сила за решавање на спорот. Тие исто така го повикаа светот да се фокусира на стабилноста и на хуманитарната ситуација во Ирак.

Турција-Авионска несреќа

Турскиот министер за одбрана вели дека спасувачките екипи ја пронашле црната кутија од остатоците на украинскиот авион кој вчера се урна во Турција, при што загинаа 62 шпански мировници кои биле на задача во Авганистан и 13 членови на екипажот.

Авионот полетал од Кабул и требало да слета во Зарагоза, Шпанија, кога се урнал во планински предел. Се уште не е познато што е причината за несреќата, но шпанскиот министер за одбрана вели дека инцидентот се случи заради густата магла. Шпанија денеска ќе испрати два авиона со кои би се пренеле телата на загинатите.

Алжир-Земјотрес

Во Алжир денеска е почувствуван нов земјотрес, шест дена по катастрофалниот земјотрес во кој загинаа над 2.200 лица.

Алжирското државно радио јави дека овој земјотрес бил со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала. Агенцијата Ројтерс јавува дека во источен Алжир се урнале неколку згради. Земјотресот од минатата недела беше со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала. Покрај големиот број загинати, во првиот земјотрес беа повредени над 9.000 лица, а стотици се водат како исчезнати. Некои жители ја обвинија Владата дека дозволила лоша градба на објектите, додека други ја критикуваат за, како што истакнуват, несоодветни хуманитарни акции.

САРС

Азија пријави само 22 нови случаи на Тешкиот акутен респираторен синдром или САРС, што покажува дека регионот се враќа во нормала по периодот на справување со овој смртоносен вирус.

Денеска во Кина се пријавени девет нови случаи на САРС, а четири лица починале. На улиците во Пекинг деновиве е забележан погуст сообраќај, заради веројатноста од стивнување на болеста. Кинеската националана авио-компанија Еар Чајна вели дека забележано е и зголемување на бројот на патниците. Хонк Конг пријави два нови случаи на САРС, а две лица починале, додека Тајван пријави 11 нови случаи на болеста, а четири лица го загубиле животот. Тамошните власти го повикуваат населениото да продолжи со извршување на секојдневните обврски.

XS
SM
MD
LG