Линкови за пристапност

Претстојната средба Шарон-Абас, најава за брзо спроведување на „мапата кон мирот“ - 2003-05-27


Средбата Шарон-Абас ќе биде втор состанок лице-в-лице за помалку од две недели и на него се гледа како на позитивен сигнал за претседателот Буш да организира трипартитен самит, најверојатно следната недела.

Идејата е дека ваков состанок на највисоко ниво и со личен ангажман на американскиот претседател, ќе доведе до брз почеток на мировниот план кој беше обелоденет кон крајот на минатиот месец. Но првите чекори допрва треба да бидат преземени.

Палестинците и голем број либерални Израелци стравуваат дека планот лесно би можел да биде миниран од страна на милитантните палестински групи кои би можеле да продолжат со нападите против Израел, или пак поради израелската резервираност во однос на планот, што би го направиле неговото спроведување речиси невозможно.

Израелскиот кабинет во неделата го прифати планот, иако господинот Шарон се најде под силни критики од неговата сопствена партија Ликуд поради прифаќањето. Господинот Шарон инсистираше дека е сериозен во врска со постигнувањето на договор со Палестинците. Тој пред израелските парламентарци кажа дека продолжувањето на окупацијата врз 3,5 милиони Палестинци е лошо и за Израел и за Палестинците.

Употребата на зборот „окупација“ од страна на радикалниот господин Шарон предизвика шокираност кај израелските конзервативци кои цврсто веруваат дека Израел има легитимно право на Западниот брег и Појасот Газа.

Но канцеларијата на господинот Шарон веднаш ја појасни употребата на зборот „окупација“ од страна на премиерот, наведувајќи дека тој мислел оти Израел не сака да управува со палестинското население во спорните области, со што зборот не се однесувал на целиот Западен Брег и Појасот Газа. Мировниот план повикува на создавање на независна палестинска држава на Западниот Брег и Газа во 2005-та година.

Многумина израелски либерали и натаму се скептични дека господинот Шарон ќе направи големи отстапки во преговорите. Политичкиот коментатор Акива Елдар во весникот „Ха`арец“ пишува дека многуте израелски резерви во однос на мировниот план достигнуваат ниво на, како што наведува весникот, израелски диктат за еден вид палестинска согласност за предавање. Но, други Израелци велат дека Ариел Шарон можеби смета дека неговата земја е на историски крстопат и оти треба да го избере вистинскиот пат за напред.

На палестинска страна, и на Махмуд Абас работите не му одат во прилог. Тој вети справување со милитантите. Останува да се види дали тој може да го исполни тоа. Тој исто така мора да соработува со палестинскиот претседател Јасер Арафат, кој не сака да ја дели власта и некои велат оти се обидува во секоја прилика да му постави замка. Господинот Абас не ужива голема популарност меѓу Палестинците. Според неодамнешно палестинско истражување на јавното мислење, само три проценти од испитаниците му дале поддршка на господинот Абас.

XS
SM
MD
LG