Линкови за пристапност

Демократите го критикуваат претседателот Буш околу начинот на кој ја води борбата против тероризмот - 2003-05-27


Во неодамнешното интервју за телевизиската станица Си-Би-Ес, сенаторот од Масачусетс Џон Кери рече дека владата на претседателот Буш треба да биде поуспешна од досега во борбата против Ал Каида и другите терористички организации. Господинот Кери е еден од деветмината демократи кои се борат за номинација во партијата за претседателските избори во 2004-та година.

„Треба да бидеме посилни, поумни и поцврсти, а особено треба да бидеме поефикасни во нашата надворешна политика за да изградиме соработка што е неопходна за вистинско водење војна против тероризмот“, истакна сенаторот Кери.

Тој и други демократи ги заострија критиките на сметка на господинот Буш по нападите во Саудиска Арабија и Мароко. Меѓу 34-цата загинати во експлозиите во Ријад имаше осуммина Американци. Американските и саудиските власти се уверени дека зад овие бомбашки напади стои Ал-Каида.

Сенаторот од Флорида Боб Грем, исто така демократ кој претендира на претседателска кандидатура, во интервјуто за телевизијата Ен-Би-Си говореше за тоа како тој би постапил, кога би бил претседател.

„Јас би ја водел војната во Авганистан до победа. Ние, откако значително ја онеспособивме Ал Каида пред една година, ги повлековме воените и разузнавачките елементи од Авганистан во подготовка за војната во Ирак, и дозволивме таа да се регенерира. Исто така, на Сиријците, кои продолжуваат да им обезбедуваат засолниште на некои од најнасилните терористички групи во светот-како Хезболах, би им кажал да престанат со тоа, или во спротивно ќе направиме меѓународна коалиција како што беше случајот со Авганистан и ќе ги запреме“, вели господинот Грем.

Во редовното неделно радио-обраќање, по нападите во Саудиска Арабија господинот Буш ја бранеше својата тактика пртив тероризмот. Тој рече дека неговата администрација направила значителен напредок во распаѓањето на Ал-Каида, прекинувајќи ги изворите на финансирање на терористите, и обезбедувајќи дека терористите нема да набават оружје за масовно уништување од Ирак. Сепак, рече господинот Буш, нападите во Саудиска Арабија покажале дека војната против тероризмот продолжува.

„Непријателите на слободата не мируваат, но не мируваме ниту ние. Нашата влада презема искучителни мерки за одбрана на татковината. Од Пакистан до Филипините, и до Рогот на Африка, ние се справуваме со убијците од Ал Каида. Досега околу една половина од главните оперативци на Ал Каида се или фатени или убиени. Ќе продолжиме со потрагата се додека сите не бидат изнесени пред правдата“, истакна претседателот Буш.

Сопартијците на господинот Буш во Конгресот застанаа во негова одбрана. Сенаторот Пет Робертс, кој претседава со Сенатската комисија за разузнавање, смета дека демократите не треба за секој напад што ќе се случи да го обвинуваат претседателот.

И покрај критиките од демократите, анкетите на јавното мислење покажуваат дека поголем дел од Американците го поддржува начинот на кој претседателот Буш ја води војната против тероризмот. Останува да се види дали господинот Буш ќе биде ранлив на нападите од демократите по ова прашање кога кампањата за претседателските избори во 2004-та ќе биде во полн ек.

XS
SM
MD
LG