Линкови за пристапност

Мала екипа инспектори на Меѓународната агенција за атомска енергија ќе замине за Ирак - 2003-05-26


Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека ќе испрати мала екипа инспектори во Ирак за да проверат дали недостасува нуклеарен материјал, по медиумските извештаи за извршени кражби.

Меѓународната агенција вели дека ги завршила деликатните преговори со САД и дека се подготвува оваа недела да испрати мала екипа во Ирак.

Се очекува до петок во Кувајт да пристигнат шест научници. Според Агенцијата, нивната работа ќе биде ограничена на чување и верификација на нуклеарниот материјал во Тувајта, на околу 50 километри југоисточно од главниот град, Багдад.

Минатата недела шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Мохамед Ел Барадеи изрази загриженост дека доколку исчезнал нуклеарен материјал, тоа може да резултира со радиолошка тревога.

Експертите велат дека постои можност украдениот радиоактивен материјал да го употребат терористите за да произведат таканаречена валкана бомба.

Портпаролот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Марк Гвоздецки вели дека агенцијата ја надгледувала оваа локација изминатите 12 години и дека може да препорача дополнителна акција доколку тоа е неопходно.

„Секако дека ние сме тие што имаат меѓународен мандат за да вршат вакви работи, и кога нема никој друг да преземе акција, ние го имаме тој вид на експертиза подготвен и специјалистите може веднаш да бидат распоредени“, вели тој.

Посетата ќе биде насочена на локацијата Тувајта и не значи целосно обновување на инспекциите за оружје во Ирак.

Инспекторите на оваа Агенција се вратија во Ирак минатиот ноември, или четири години откако заминаа заради обвинувањата дека режимот на Садам Хусеин одбива да соработува во потрагата по оружје за масовно уништување. Инспекторите повторно го напуштија Ирак во март, пред почетокот на војната.

Извор во ОН вели дека САД разбираат оти Меѓународната агенција за атомска енергија има мандат за целата територија на Ирак, но дека безбедносните аранжмани за инспекторите се приоритет.

XS
SM
MD
LG