Линкови за пристапност

Наскоро втора средба Шарон-Абас - 2003-05-26


Израелски и палестински извори велат дека премиерот Ариел Шарон ќе се сретне со својот палестински колега можеби уште утре. Ова би било втора средба меѓу двајцата лидери за нешто повеќе од една недела, а овој пат би уследила по поддршката на Израел на таканаречената мапа кон мирот.

Г-динот Шарон вели дека ќе направи секаков напор за напредок по Мапата кон мирот додека се подготвува за вториот круг преговори со палестинскиот премиер Махмуд Абас.

Тој го кажа ова откако израелскиот кабинет условно го поддржа мировниот план, кој предвидува создавање на палестинска држава до 2005-та година.

Г-динот Шарон вели дека одлуката не било лесно да се донесе и дека тој се уште има дилеми по одредени прашања, но додаде дека Израел на планот мора да му даде шанса.

Во исто време, неговиот кабинет јасно стави на знаење дека израелската Влада нема никогаш да прифати влез на палестинските бегалци во областите кои се дел од Израел.

Израелскиот министер за надворешни работи, Силван Шалом вели дека доколку на милионите палестински бегалци им се дозволи да влезат на израелска територија, тоа ќе значи крај за Израел.

Одлуката го разлути палестинскиот претседател Јасер Арафат. Неговиот портпарол вели дека Израел требало да го следи примерот на Палестинците и безусловно да ја прифати мапата кон мирот.

И покрај различните ставови обете страни изгледаат подготвени да остварат средби на највисоко ниво, што се должи на плановите за уште една средба меѓу господата Шарон и Абас.

САД исто така ја поздравија израелската поддршка на мапата кон мирот, опишувајќи ја како позитивен и важен чекор напред.

Западните дипломати велат дека претседателот Буш може наскоро да одржи самит со израелските и палестински лидери, најверојатно во Јордан.

XS
SM
MD
LG