Кинеската и американската полиција велат дека преку неодамна разбиениот синџир на дрога, во изминатите три години во САД се внесувала дрога во вредност од 100 милиони долари. Во врска со ова, уапсени се 28 лица во три различни земји.
Кинеските претставници велат дека во широка полициска операција биле запленети најмалку 36 килограми хероин и друг вид на дрога.
Рациите отпочнале минатата недела во околината на кинескиот кварт во Њујорк, при што биле уапсени 11 осомничени и бил запленет дел од хероинот. Кинеската, индиската и полицијата на Хонг Конг потоа ги уапсиле другите осомничени и останатото количество дрога.
Полицијата вели дека меѓународната банда дрогата ја пренесувала од Бурма и Лаос, преку кинеската провинција Фуџијан, а потоа завршувала во делови од источна Америка.
Полицијата ја нарекува бандата 125, бидејќи еден од главните нејзини шефови бил тежок тежи 125 килограми.
Во Пекинг, Џими Тсе од американската агенција за контрола на дрогата, вели дека заедничката истрага била без преседан.
„Операцијата што минатата недела ја изведоа Министерството за јавна безбедност и полицијата од провинцијата Фуџијан, беше одлична. Го разби целиот синџир на шверцери со дрога кои постоеја во местата-извори на таа дрога, во земјите кои служеле како транзит, како и во местата на дистрибуција, на територијата на САД“, вели г-динот Тсе.
Официјалните лица велат дека е невообичаено, при една рација да се уништат толку многу алки во софистициран, меѓународен синџир за шверц со дрога.
Кина веќе подолго време е користи како транзитна рута за шверцерите на дрога, но експертите велат дека се повеќе кинески жители се уживатели на хероин. Кина во моментов води сопствена војна против дрогата, а само минатата година се уапсени десетици илјади осомничени лица.