Линкови за пристапност

Буш - Конгрес - 2003-05-22


Претседателот Буш смета дека извојувал победа во конгресната битка во врска со намалување на даноците, иако одобрената сума е за полвина помлаку од онаа што тој ја побара.

Американскиот претседател првично предложи даночно намалување тешко 726 милијади долари. Тоа го отфрлија и демократите и републиканците, со образложение дека е сумата е превисока. На крајот Конгресот одобри значително помала сума од 350 милијарди долари. И покрај тешко постигнатиот компромис, г-динот Буш оцени дека сепак е добро што даночното намалување е изгласано, велејќи дека со него Американците добиваат повеќе пари за трошење, со што, пак, ќе и помогнат на економијата во земјата.

„Колку повеќе пари имате, толку поверојатно е дека ќе купите некое добро или услуга, а тоа пак ќе значи дека некој и ќе произведе добро или услуга, што пак на крајот значи дека некој најверојатно ќе добие вработување. Овој предлог-закон што треба да го потпишам е добар за американските работници, добар е за американските семејства, за американските инвеститори, претприемачи и сопственици на мали бизниси“, вели претседателот Буш.

Од друга страна, демократите сметаат дека ова даночно намалување ќе им користи на богатите со тоа што ги намалува даноците за корпоративните дивиденди.

Даночното намалување има за цел да обезеди стимуланс за економијата, но истовремено и да ги намали финансиските грижи на гласачите до крајот на летото, кога треба да се вжешти кампањата на претседателските избори што треба да се одржат наредната година.

Белата куќа се надева дека гласачите и натаму ќе бидат фокусирани на популарната улога на претседателот како Врховен командант во борбата против тероризмот. Но, деветте кандидати за претседател од Демократската партија се надеваат дека ќе го предизвикаат претседателот со тоа што ќе се фокусираат на забавената економија.

Претседателот денеска на конгресмените им се заблагодари и за одобрувањето на бараните 15 милијарди долари за зголемување на фондот наменет за борба против СИДА-та во Африка и на Карибите.

„Обврзани сме да им помогнеме на оние кои патат. Америка е мошне силна држава, ние сме и сочувствителна држава. Им се заблагодарувам на членовите на Претставничкиот дом и на Сенатот што го одобрија предлог-законот за СИДА-та што ќе им помогне на луѓето од Африка“, вели претседателот.

Г-динот Буш наредната недела ќе замине за Европа каде се очекува да ги поттикне тамошните лидери да вложат повеќе средства за борбата против СИДА-та во земјите во развој. Тој истовремено ќе се обиде да ја ублажи европската критика за воената кампања во Ирак, со тоа што ќе се обиде да го насочи вниманието на програмите за борба против СИДА-та, гладта и сиромаштијата, што, како што вели, е морална цел на американското влијание.

XS
SM
MD
LG