Иднината на Косово е тема која разгори многу страсти на вчерашното сослушување во американскиот Конгрес.
Загрижени заради излегувањето на Косово од фокусот на американското внимание, некои поддржувачи на идејата за независност на покраината вчера во американскиот Конгрес направија голем напор да ја вратат актуелноста на прашањето. Комисијата за меѓународни односи на Претставничкиот дом, под палката на господинот Хенри Хајд, одржи дискусија за конечниот статус на Косово. На членовите на ова тело и на повиканите сведоци им беше поставено прашањето „Може ли да се развива економијата и да се воспостави владеење на правото во услови на неизвесност?“
Со исклучок на госпоѓа Џенет Бог, како американски владин претставник на функцијата заменик на помошникот-секретар за европски парашања во Стејт Департмент, панелистите помалку или повеќе изнесоа тврд став дека има услови за почеток на преговори за независност.
Госпоѓа Бог кажа дека администрацијата го преферира приодот „стандард пред статус“ што ќе рече исполнување на услови пред да се промени статусот на покраината. Тие услови се функционирање на демократските институции, владеење на правото , слобода на движење, враќање на интеграцијата, подобрување на економијата, почитување на правото на сопственост, воспоставување на дијалог со Белград и постоење на косовски заштитни сили.
Косово мора да ги исполни овие услови, за неговите институции да можат да се справат со предизвиците на невработеност и организиран криминал, и за да биде во односи на соработка со другите во регионот, и посекако, за да биде учесник во европската интеграција, кажа госпоѓа Бог.
Ако сега се донесе решение за конечниот статус на Косово, тоа ќе значи ризик за дестабилизирање на покраината и на регионот, ќе ги поттикне оние кои веруваат во насилни решенија, и може да значи обновување на борбите во јужна Србија и Македонија, рече г-ѓа Богс.
Со ова не се согласија членовите на комисијата Том Лантос и Елиот Енгел. Според нив, за Косово нема друга алтернатива освен независност. За господинот Лантос нема оправдување на косовските граѓани да им се ускрати правото на самоопределување, што им беше уважено на сите други во поранешните југословенски републики. А, што се однесува на определувањето, господинот Енгел е сигурен во исходот.
Ниту еден Албанец не сака да биде дел од некаков режим или држава под раководство на Белград. Тоа едноставно е смешно, вели тој.
Поранешниот Конгресмен Џозеф Диогарди, кој е претседател на албанската лоби-група во САД, Албанско-американската граѓанска лига, го истакна судењето на господинот Слободан Милошевиќ под обвинение за геноцид на Албанците на Косово како доказ дека треба да се дозволи отцепување на покраината.
Заборавено ли е што сакаше Милошевиќ да им стори на овие луѓе? Сега сакаме да креираме пародија – повреда на човековите права на двете страни! Сакате да ми кажете дека неколку изолирани повреди на човекови права сторени од Албанци врз Срби може да се спореди со фактот што Албанците беа речиси истребени од Косово?!, вели господинот ДиоГарди.
Господинот Даниел Сервер, директор на Балканската иницијатива и мировни операции во американскиот Институт за мир, смета дека за судбината на Косово треба да се преговара, но не на Капитол Хил, туку меѓу Белград и Приштина, кои, како што рече, треба да го прифатат својот дел од одговорноста за придвижување кон Европа.
Белград и Приштина мора да се договорат, зашто само врз основа на нивниот договор Советот за безбедност на ОН може да се согласи да усвои нова резолуција која ќе ја замени 1244, вели господинот Сервер.
Речиси четири години по конфликтот на Косово, статусот на покраината останува нејасен. Амбасадорот Вилијам Вокер, со две балкански мисии зад себе, е еден од оние кои вчера кажаа дека Белград комплетно ја испуштил шансата да покаже способност за добро раководење,а дека грешка на американската администрација била препуштањето на таа улога на ОН. Реинтеграцијата за него е невозможна. Џејмс О Браен, поранешен специјален пратеник на претседателот за Балканот и висок советник на поранешниот државен секретар Медлин Олбрајт вели дека е факт оти преговорите за конечниот статус на Косово веќе започнале и тој смета дека следниот чекор сега е да им се покаже на граѓаните на Косово дека нивниот глас се слуша.