Линкови за пристапност

Најнови вести 5-21 - 2003-05-21


САД-Предупредување за тероризам

Еден ден откако САД го покачија нивото на предострожност на „високо“, државните и локалните власти ширум земјата одговараат со преземање на засилени безбедносни мерки.

Во Њујорк, трупите на националната гарда се повикани за да помогнат во обезбедувањето на подземните железници и мостовите. Во Калифорнија, полицијата работи во 12-часовни смени, а во Вашингтон, федералната воздухопловна администрација планира да воведе натамошно ограничување на летовите над градот. Вчера секретарот за домашна безбедност, Том Риџ кажа дека американските разузнавачки служби веруваат оти терористичката мрежа Ал-Каида влегла во, како што рече, период на операции ширум светот, што вклучува и евентуални напади на американска почва.

Ал-Каида

Телевизијата Ал Џазира емитуваше, како што вели, аудио снимка од главниот советник на Осама бин Ладен, на која тој бара од муслиманите да напаѓаат цели на западните држави што се наоѓаат на муслиманска почва.

Оваа телевизиска станица со седиште во Катар вели дека говорникот на лентата е Ајман Ал Завахри, вториот човек на Ал Каида. Говорникот ги повикува муслиманите да го следат примерот на грабнувачите на авионите со кои ги изведоа нападите на 11-ти септември, како и да ги напаѓаат амбасадите и трговските објекти на САД, Британија, Австралија и Норвешка. Американскиот Стејт департмент упатил протесни писма за емитувањето на лентата до Ал-Џазира и до Катар. Портпаролот Ричард Баучер одлуката да се емитува лентата ја нарече, цитираме, неодговорна.

Ирак-ОН

САД побараа од Советот за безбедност на ОН утре да гласа по резолуцијата за укинување на санкциите спрема Ирак, откако беа направени и третите и конечни промени на предлог-резолуцијата.

Дипломатите запознати со предлогот и амандманите изразија увереност дека сега Вашингтон би можел да добие речиси едногласна поддршка за отстранување на санкциите, кои беа воведени против Ирак по инвазијата на Кувајт во 1990 година. Амандманите наводно се наменети за намалување на загриженоста на Франција, Германија и Русија, кои бараат поголема вклученост на ОН во политичкиот процес во повоен Ирак. Со оваа мерка на коалицијата под американско раководство ќе и се овозможи целосна контрола врз Ирак се до формирањето на меѓународно призната влада во Ирак.

Ирак

Високиот американски администратор за Ирак, Пол Бремер вели дека конференцијата на која ирачките политичари треба да изберат привремена влада, ќе биде одложена до средината на јули, еден месец подоцна од претходно планираното.

Господинот Бремер на новинарите во Багдат не им ја соопшти конкретната причина за доцнењето на одржувањето на конференцијата, но индицираше дека САД не се задоволни со седумчлениот Совет на ирачки политички лидери со кои тој се сретнал минатиот петок. Господинот Бремер истакна дека оваа група не е претставник на ирачкиот народ.

САД-Иран

Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд вели дека лидери на Ал Каида од повисок ранг се многу ангажирани во Иран, но Техеран тврди дека ваквите обвинувања се неосновани.

Г-динот Рамсфелд денеска во Вашингтон ги прошири своите изјави од вчера дека оперативци на Ал Каида стационирани во Иран имале удел во минатонеделните самоубиствени напади во Ријад. Г-динот Рамсфелд рече дека не е спорно оти во Иран има високи претставници на Ал Каида кои имаат полни раце работа. Во меѓувреме, Лос Анџелес Тајмс пишува дека САД на неопределно време ги прекинале сите дијалози со Иран по нападите во Ријад.

Израел-Палестинци

Палестинскиот премиер Махмуд Абас ја откажа планираната тура низ градот Газа, бидејќи израелските сили се вратија во оваа област еден ден откако се повлекоа.

Г-динот Абас денеска требаше да го посети Беит Ханун во северниот дел на Појасот Газа и да изврши увид на штетата од неодамнешниот израелски напад. Исто така денеска, палестински официјални лица изјавија дека израелските сили застрелале двајца Палестинци во близина на градот Рамалах на Западниот брег, во текот на судирите на израелските трупи и локалното население кое ги каменувало. Во меѓувреме, весникот Њујорк Тајмс јавува дека претседателот Буш ја разгледува можноста за средба со премиерите Абас и Шарон во текот на наредните неколку недели.

XS
SM
MD
LG