Линкови за пристапност

Најнови вести, 20 мај - 2003-05-20


Саудиска Арабија - тероризам

САД и Британија соопштија дека привремено ги затвораат амбасадите и конзулатите во Саудиска Арабија, поради веродостојни терористички закани. Обете земји велат дека поседуваат веродостојни информации дека се планираат нови напади врз неконкретизирани цели во Саудиска Арабија. Предупредувањата уследија по минатонеделните самоубиствени напади во саудискиот главен град Ријад во кои загинаа 34 лица, од кои 8-мина Американци. Во меѓувреме, саудиските власти објавија дека биле уапсени тројца осомничени членови на Ал Каида во пристанишниот град Џеда. Не е познато дали тројцата се поврзани со минатонеделните напади во Ријад.

САД - тревога

Американските власти го покачија нивото на будност во земјата на високо, кое се означува со портокалова боја, како резултат на предупредувањата од Федералното истражно биро дека Ал Каида би можела да изведе нови напади врз САД. Се очекува ова официјално да биде соопштено во секој момент. Секретарот за домашна безбедност Том Риџ денеска побара итен состанок со претседателот Буш во врска со безбедносните закани. Владата минатиот месец го намали нивото на будност во земјата, со образложение дека се намалени заканите поврзани со војната во Ирак.

Ирак - ОН

Русија вели дека е можно Советот за безбедност на ОН оваа недела да ја усвои резолуцијата со која ќе се укинат санкциите против Ирак. Рускиот министер за надворешни работи Игор Иванов денеска во Киев изјави дека не ја исклучува можноста за постигнување договор, но истакна дека во новата резолуција мoра да има одредба за распоредување на мировници на ОН. Вчера, САД, Британија и Шпанiја поднесоа изменет предлог на резолуцијата до Советот во кој се бара подигање на санкциите против Ирак. Во него се разјаснува улогата на ОН во повоен Ирак, а тоа беше проблем за неколку членки на Советот, меѓу кои Франција, Русија и Германија. Администрацијата на Буш вели дека сака за резолуцијата да се гласа кон крајот на неделава.

Ирак - апсење

Американската армија вели дека уште еден поранешен припадник на режимот на Садам Хусеин од листата на САД на „најбарани“ се наоѓа во американска надлежност. Американската Централна Командаго идентификува лицето како Угла Абид Сакар Ал Кубајси, регионален раководител на поранешната партија Баат. Американскиот администратор во Ирак Пол Бремер пред седумчлениот Совет на ирачките лидери рече дека Вашингтон сака прво да биде формирана ирачка привремена власт со помали надлежности, а потоа власта да премине во рацете на нова влада со целосни ингеренции.

Израел-Палестинци

Претседателот Буш и палестинскиот премиер Махмуд Абас денеска телефонски разговараа за потребата од борба против тероризмот на Блискиот исток. Претседателот Буш ја реафирмирал поддршката за формирање палестинска држава непосредно до Израел. Но портпаролот на Белата куќа Ари Флејшер рече дека г-динот Буш ја истакнал, како што кажа, апсолутната потреба сите групи да преземат конкретни чекори напред кон мирот. Подоцна, г-динот Буш разгоарал и со палестинскиот премиер Ариел шарон. Г-динот Флејшер рече дека претседателот изразил сочувство за жртвите во неодамнешните палестински самоубиствени напади. Континуираните насилства го доведуваат во опасност спроведувањето на мапата кон мирот за Блискиот исток со поддршка од САД.

САРС

Светската здравствена организација вели дека во моментов во Тајван најбрзо се шири епидемијата на САРС, а бројот на смртни случаи се искачи на 52. Во соопштението на веб-страницата на Организацијата се вели дека пропустите во контролата на вирусната инфекција, особено во ургентните центри на болниците, можеби е една од причините за брзото зголемување на случаите на САРС во Тајван. Над 90 проценти од заболените се заразиле во болниците. Десетици вработени во болниците ја напуштија работата во знак на протест бидејќи сметаат дека имало несоодветна заштита од вирусот. Во Кина, здравствените власти велат дека ја контролираат епидемијата. Денеска се пријавени само 17 нови заболени, што е многу помалку од стотиците случаи што се пријавуваа пред неколку недели.

XS
SM
MD
LG