Линкови за пристапност

И Швајцарија се подготвува за самитот Г-8 - 2003-05-20


Иако организатор на Самитот е Франција, оваа земја од Швајцарија побара да помогне во обезбедувањето и сместувањето за повеќе од десетина лидери од Африка, Азија, Латинска Америка, како и за Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан.

Главната причина е што најблискиот меѓународен аеродром од местото на одржување на Самитот, на 50-тина метри одалеченост, е женевскиот. Освен тоа, Евиан нема доволно хотели за сите учесниците на конференцијата. Но, некои Швајцарци негодуваат бидејќи сметаат дека добивката за Франција од состанокот е поголема, а голем дел од трошоците ќе паднат врз Швајцарија.

Сепак, портпаролот на швајцарскиот министер за надворешни работи, Ливио Занолари не се согласува.

“Тој вели дека Самитот на Групата 8 на Швајцарија и пружа златна можност да биде домаќин на шефовите на државите учеснички и да ја развие својата улога на меѓународна сцена. Тој вели дека трошоците ќе изнесуваат околу 45 милиони долари, и дека Франција ќе надомести дел од овие трошоци“, изјави портпаролот.

Египетскиот претседател Хосни Мубарак, Кралот Мохамед Шести од Мароко, потоа претседателите на Бразил и Кина, Лула да Силва и Ху Џинтао, се меѓу оние кои ќе бидат сместени во Лозана, Швајцарија, на другата страна од Женевското Езеро.

Пјер Апли кој е одговорен за координацијата на обезбедувањето, вели дека Швајцарија е повеќе од подготвена за претстојниот настан.

“Има голема загриженост за безбедноста на гостите. Тероризмот е постојана закана на денешницата и ќе се има предвид. Морам да кажам дека и демонстрантите се причина за загриженост“, вели Апли.

На Самитот ќе присуствува и првиот човек на Меѓународниот монетарен фонд, Хорст Келер. Во неодамна дадената изјава за новинарите во Женева, тој кажа дека иако поздравува дијалог со демонстрантите, сепак смета дека глобализацијата е единствениот начин за намалување на сиромаштијата и долгот на земјите во развој.

“Потребна ни е поголема глобализација, а не помала. Потребна ни е подобра глобализација што значи дека сиромашните земји ќе можат да учествуваат во економскиот растеж, во создавањето на нови работни места и подобар животен стандард. Без глобализација, мислам дека во однос на сиромаштијата ќе биде полошо. Но, подготвени сме за дискусија по ова прашање“, вели Келер.

Оливиер де Марчелус од групата Социјален форум не се согласува со ова. Тој вели дека само промената во тековната глобална економска политика ќе дадат резултати.

“Тие ова го зборуваат веќе 30 години. Ние сакаме промена“, кажа Марчелус.

Претставникот за обезбедување, Пјер Апли вели дека швајцарските власти разговараат со демонстрантите веќе неколку месеци, но, како што кажа самиот, иако очекуваат соработка и мирни протести, сепак стравуваат оти мали групи ќе предизвикаат насилства. Г-динот Апли вели дека за да се намали можната штета, преземени се низа мерки и дадени се инструкции за тоа како да се заштитат продавниците, особено оние за луксузна стока, и банките. Освен тоа, делови од Лозана ќе бидат затворени за демонстранти.

XS
SM
MD
LG