Линкови за пристапност

Најнови вести, 20 мај - 2003-05-20


Саудиска Арабија - напади

Властите во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, се подготвуваат заради можноста од нови терористички напади како самоубиствениот бомбашки напад минатата недела, во кој загинаа 34 лица. Американската амбасада во Ријад соопшти дека американските конзулати во кралството и амбасадата утре ќе бидат затворени заради информацијата дека можеби претстои терористички напад. Тие може да бидат затворени до 25 мај. На страницата на Интернет на амбасадата се вели дека властите добиле веродостојни информации оти се планираат натамошни напади врз непознати цели во Саудиска Арабија. Саудиските власти ја зајакнаа безбедноста. Саудсиката влада ја обвини ал-Каида за нападите во Ријад минатиот понеделник, во кои загинаа осуммина Американци.

Ирак – ОН

Русија вели дека е можно Советот за безбедност на ОН оваа недела да ја усвои резолуцијата со која ќе се укинат санкциите против Ирак. Рускиот министер за надворешни работи Игор Иванов денеска во Киев изјави дека не ја исклучува можноста за постигнување договор, но истакна дека во новата резолуција мoра да има одредба за распоредување на мировници на ОН. Вчера, САД, Британија и Шпанiја поднесоа изменет предлог на резолуцијата до Советот во кој се бара подигање на санкциите против Ирак. Во него се разјаснува улогата на ОН во повоен Ирак, а тоа беше проблем за неколку членки на Советот, меѓу кои Франција, Русија и Германија. Администрацијата на Буш вели дека сака за резолуцијата да се гласа кон крајот на неделава.

Израел-Палестинци

Израелските сили се повлекоа од градот Бејт Ханун во Појасот Газа, област што ја зазедоа минатата недела за да ги запрат палестинските ракетни напади врз Израел. Војниците се повлекоа во предградијата на овој град, кој се наоѓа во граничната област за која Израел вели дека ќе им ха предаде на палестинските безбедносни сили доколку двете страни се сложат да се примени “мапата кон мирот“, поддржана од САД. Средбата меѓу израелскиот премиер Ариел Шарон и палестинскиот премиер Махмуд Абас во саботата заврши без да се постигне договор за имплементација на мировниот план. Израел ја затвори границата со Западниот брег и Појасот Газа во неделата, како одговор на неодамнешните самоубиствени бомбашки напади во кои загинаа 12 Израелци.

САРС

Светската здравствена организација вели дека во моментов во Тајван најбрзо се шири епидемијата на САРС, а бројот на смртни случаи се искачи на 52. Во соопштението на веб-страницата на Организацијата се вели дека пропустите во контролата на вирусната инфекција, особено во ургентните центри на болниците, можеби е една од причините за брзото зголемување на случаите на САРС во Тајван. Над 90 проценти од заболените се заразиле во болниците. Десетици вработени во болниците ја напуштија работата во знак на протест бидејќи сметаат дека имало несоодветна заштита од вирусот. Во Кина, здравствените власти велат дека ја контролираат епидемијата. Денеска се пријавени само 17 нови заболени, што е многу помалку од стотиците случаи што се пријавуваа пред неколку недели

Турција-експлозија

Турската полиција соопшти дека во експлозија на бомба во едно кафуле во Анкара загинало едно лице, а друго било повредено. Властите кажаа дека експлозијата се случила рано утрово во тоалетот на кафулето, кое се наоѓало во еден од најпрометните делови на градот. Тие велат дека во урнатините било пронајдено тело на една жена. Според медиумските извештаи можно е жената да била бомбаш самоубиец или пак се обидувала да ја постави бомбата кога експлодирала. Но полицијата одбива да ги потврди овие извештаи. Никој досега не ја презел одговорноста за нападот.

Хашки трибунал

Судиите на Трибуналот на ОН за воени злосторства во Хаг им дадоа уште 100 дена на обвинителите за да ги презентираат доказите против поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ. Судиите денеска соопштија дека на обвинителите им дале повеќе време за да можат да повикаат повеќе сведоци. Инаку, тие имаа рок до 16 мај да ги поднесат сите докази. Имајќи ги предвид летните одмори и паузите за господинот Милошевиќ, оваа судска одлука значи дека обвинителите мора да ја завршат процедурата до крајот на годинава. Трибуналот паузира во работата заради влошеното здравје на господинот Милошевиќ.

Монт Еверест

Индија започна со церемониите за одбележување на 50-годишнината од првото успешно искачување на Монт Еверест. Дводневната прослава започна денеска со обраќање на Сер Едмунд Хилари до индиските високи претставници. Тој заедно со неговиот партнер Тензинг Норгеј први го освоиле врвот на Монт Еверест на 29 мај 1953 година. Во соседниот Непал прославата ќе се одржи идната недела, во близина на подножјето на планината висока 8.850 метри. 83-годишниот Сер Едмунд ја забавуваше индиската публика, во која беше и индискиот премиер Атал Бехари Ваџпај, со анегдоти од неговото историско качување. Но тој исто така предупреди на штетите на животната средина што ги предизвикуваат невнимателните модерни алпинисти кои кои ги загадуваат со отпадоци патеките на некогаш недопрената планина.

XS
SM
MD
LG