Линкови за пристапност

Поднесена нова резолуција во ОН за Ирак - 2003-05-20


По тешките преговори, американски официјални лица велат дека нацрт-резолуцијата е конечната верзија на нивниот предлог за укинување на трговските и финансиските санкции кон Ирак кои ОН ги воведоа во 1990 година.

Резолуцијата исто така ја појаснува улогата на ОН во повоен Ирак, прашање по кое постои поделеност меѓу поднесувачите на резолуцијата и неколку членки на Советот, пред се Франција, но исто така и Русија и Германија. Неколку други земји-членки исто така имаат изразено загриженост дека резолуцијата не предвидува соодветна улога за ОН во политичкиот процес во Ирак.

Со резолуцијата се бара генералниот секретар на ОН Кофи Анан да назначи нов специјален претставник за Ирак, кој би дал поддршка во основањето на ирачката привремена администрација.

Американскиот амбасадор во ОН, Џон Негропонте кажа дека ревидираната резолуција ја продолжува програмата „Нафта за храна“ на ОН, што би требало да прекине на 3 јуни, за уште два месеци:

“Со резолуцијата се дефинира важна улога за генералниот секретар и за ОН. Со неа се укинуваат санкциите и постепено, во рок од шест месеци, се укинува програмата „Нафта за храна“, изјави амбасадорот Негропонте.

Иако засега не е определен датум кога ќе се гласа, се очекува резолуцијата да биде усвоена. Покрај воспоставување на меѓународен фонд за развој на Ирак, резолуцијата им овозможува на коалиционите власти под американско раководство да ги користат приходите од нафтата за реконструкција на Ирак.

Колкава ќе биде контролата на коалиционите сили врз ирачките природни богатства исто така беше предмет на дебата во Советот.

Во нацрт-резолуцијата се истакнува, цитираме - „правото на ирачкиот народ слободно да одлучува за својата политичка иднина и контрола врз сопствените приридни богатства". Исто така се вели и Ирачаните мора што е можно побрзо да започнат сами да управуваат со земјата.

Британскиот амбасадор Џереми Гринсток кажа дека нацрт-резолуцијата ги изложува обврските на коалиционите сили во Ирак во периодот до предавањето на власта во раце на Ирачаните.

“Со нацрт резолуцијата сега на сосема интересен начин се дефинира крајот на окупацијата до кој ќе дојде во оној момент кога ќе биде формирана меѓународно призната репрезентативна влада на Ирачаните, тогаш кога тие ќе бидат подготвени за ваков чекор, со помош на коалицијата на теренот и ОН“, рече бритранскиот амбасадор Гринсток.

Модифицираната нацрт-резолуција сепак го задржа американскиот став дека само коалицијата е надлежна за потрагата по оружје за масовно уништување, иако е оставена можност за враќање на инспекторите на ОН за оружје, под услов да се преразгледа нивниот мандат.

Русија има предложено суспендирање наместо целосно укинување на санкциите, се додека инспекторите на ОН за оружје не утврдат дека во Ирак не постои оружје за насовно уништување. Раководителот на Агенцијата на ОН за атомска енергија, Мохамед Ел Барадеи, вчера апелираше до САД претставници на агенцијата да се вратат во Ирак, предупредувајќи на можна вонредна ситуација доколку продолжат грабежите во ирачките комплекси за атомска енергија.

XS
SM
MD
LG