Линкови за пристапност

СЗО: На светот му претстојат глобални епидемии - 2003-05-19


Светската здравствена организација вели дека Силниот акутен респираторен синдром е само прва од многуте заразни болести кои ќе се појават во ова столетие. Оваа организација е особено загрижена за епидемија од големи размери на грипот.

Раководителот на програмата за болести кои се пренесуваат преку комуникација, во Светската здравствена организација, Дејвид Хејман нема дилеми дека многу, претходно непознати болести, а заразни и опасни по живот, ќе го погодат светот порано или подоцна. Тој вели дека голема грижа е грипот.

„И тоа беше загриженост на почетокот на оваа епидемија, кога видовме дека непозната респираторна болест , која се ширеше меѓу здравствените работници и чиј причинител беше непознат. Една од нашите грижи беше грипот. Ќе има и други епидемии, како што е САРС. Ќе има епидемии кои ќе се рашират во меѓународни рамки. Грипот, повеќе од сигурно е дека ќе се појави во пандемична форма, како што беше случај три пати минатото столетие. И многу други болести за кои не знаеме, како за сидата пред 20 години, можат да се појават, и да останат со нас во времето што следи“, истакнува г-динот Хејман.

Доктор Хејман вели дека за разлика од САРС, грипот е болест што се пренесува преку воздухот и е многу опасна. Еден вид на грип на почетокот на 20-от век уби околу 20 милиони луѓе.

САРС, од друга страна, главно се шири преку близок контакт на инфицирано и здраво лице и иако и оваа болест може да е смртоносна, 85 проценти од заболените се опоравуваат.

Вирологот на Светската здравствена организација Карл Стор вели дека светот мора да стори повеќе за да се подготви за нова епидемија на грип. Тој вели дека прво и главно е зајакнувањето на здравствените системи за следење на инфективни болести.

„Мораме многу брзо да бидеме во состојба да сватиме дека ни се случува нова болест. Би требало да можеме таквата болест брзо да ја откриеме. Втората област што е специфична за грипот е многу брзо да се развие вакцина и да се направат лекови, а за тоа ќе бидат потребни барем шест месеци. Третата област е земјите да продолжат со зајакнување на нивната национална подготвеност за пандемија, да можат ефикасно да го контролираат здравјето и да стават под контрола евентуална вонредна состојба предизвикана од грип“, вели г-динот Стор.

Господинот Стор вели дека меѓу 10 и 15 проценти од целото население е многу веројатно да биде зафатено од грип. Тој истакнува дека тоа ќе е голем товар за националните здравствени системи.

XS
SM
MD
LG