Линкови за пристапност

Се намалува бројот на новопријавени случаи на САРС во Хонг Конг-нови заразени во Сингапур - 2003-05-19


Со недели, во Хонг Конг постојано растеше бројот на заболени од САРС, но денес беше пријавен само еден случај. Хонг Конг беше на второ место во светот по број на пријавени случаи на САРС, со вкупно 1.714 заразени и 251 починати. Само денеска беа пријавени четири смртни случаи.

Кинеската централна власт во Пекинг, исто како и управникот на Хонг Конг, се обидуваат да ја убедат меѓународната јавност дека градот е повторно безбеден за посета.

Кинескиот министер за здравство, Ву Ји која учествува на Собранието на Светската здравствена организација во Женева, ја повика организацијата да ја укине забраната за патување во Хонг Конг, што е на сила од средината на март. Сепак, таа предупреди дека доколку јавноста не продолжи да биде претпазлива, можно е да избијат случаи на САРС во Кина, од каде се верува дека потекнува болеста.

Според владините податоци, САРС во Кина е во опаѓање. Денеска беа пријавени само 12 нови случаи, како и пет смртни слуачи. Досега во Кина од САРС починаа 289 лица, а регистрирани се преку 5.200 заболени.

Во напор да го спречат ширењето на болеста и во руралните области, кинеската влада планира да воведе задолжителни формулари за патниците за нивната здравствена состојба.

САРС и натаму претставува сериозна закана по населението во Тајван. Во Тајван се регистрирани 340 заразени, а починале најмалку 40 лица. Властите предупредуваат дека САРС допрва треба да се стави под контрола.

Епидемиолозите во Сингапур, пак, го истражуваат најновиот тамошен случај на САРС, 39-годишен човек кој често патувал во Малезија. Тој е потврден како 206-ти случај на САРС, откако 19 дена во Сингапур немаше пријавено ниту еден заболен.

Досега во светски рамки од САРС се заразени преку 7.700 лица, а најмалку 620 починале.

XS
SM
MD
LG