Ирак-ОН
Америаканскиот државен секретар Колин Пауел вели дека верува оти Советот за безбедност на ОН брзо ќе постигне договор за укинување на санкциите спрема Ирак.
Господинот Пауел зборуваше со новинарите по разговорите во Берлин со германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер и кажа дека би било можно членовите на Советот за безбедност да се договорат по резолуцијата во рок од неколку денови до една недела. Претходно германскиот канцелар Герхард Шредер кажа дека санкциите против Ирак веќе немаат никаква смисла. Во Москва, еден руски дипломат изјави дека Русија и Кина сакаат, како што рекол, сериозни промени во американската резолуција. Неколку држави, вклучувајќи ги Германија и постојаните членки на Советот, Русија и Франција, вршеа притисок за посилна улога на ОН во админоистрирањето на повоен Ирак.
Ирак
Главниот американски цивилен администратор за Ирак, Пол Бремер забрани влегување во секоја идна власт на Ирак на илјадници припадници на поранешната владеачка партија Баат.
Американскиот претставник на новинарите во Багдад им изјави дека со оваа мерка ќе бидат погодени околу 30.000 симпатизери на Баат. Тој соопшти дека забраната е потребна за да се елиминира влијанието на партијата во Ирак. Американските армиски претставници велат дека поранешно раководно лице од партијата Баат што е на листата од 55-темина најбарани ирачки бегалци вчера бил одведен во притвор во северниот дел на Багдад. Американски претставници велат дека лицата лојални на Баат можно е да стојат зад неодамнешните безбедносни проблеми ширум Ирак.
Путин-Буш
Рускиот претседател Владимир Путин и претседателот Буш ветија дека ќе го зајакнат своето стратешко партнерство, и покрај постоечките разлики по прашањето за Ирак.
Кремљ вели дека во телефонски разговор инициран од господинот Буш, двајцата лидери ја нагласиле потребата од зголемување на заедничките анти-терористички напори и се согласиле да ја засилат соработката во борбата против тероризмот предводена од САД. Белата куќа го потврди разговорот, но не и неговата содржина. Овој телефонски разговор уследи пред самитот на двајцата лидери во Санкт Петерсбург, што ќе започне кон крајот на месецот. Односите меѓу Вашингтон и Москва се затегнаа по прашањето за војната во Ирак предводена од САД, на која Русија остро се спротивставуваше.
Јужна Кореја-САД
Јужнокорејскиот претседател Ро Му Хјун попладнево ја завршува посетата на Вашингтон, за време на која се сретна со претседателот Буш.
Обајцата лидери изразија уверување дека кризата околу нуклеарната програма на Северна Кореја може да се реши на мирен начин. Тие јавно не ги изразија разликите околу тоа на кој начин ќе се постапува со Пјонгјанг доколку дипломатијата се покаже неуспешна. Претставници на Јужна Кореја сметаат дека во решавањето на кризата треба да биде вклучена Северна Кореја. САД не ги отфрлаат економските санкции, па дури и воената акција како начин на делување во однос на оваа комунистичка држава. САД, Северна Кореја и Кина минатиот месец во Пекинг разговараа за овој проблем, но не постигнаа никаков договор.
Словачка-Референдум
Граѓаните на Словачка денеска и утре на референдум се изјаснуваат за приклучувањето на нивната земја кон ЕУ.
Иако се смета дека овој чекор ја ужива поддршката на четири милиони гласачи во земјата, аналитичарите предупредуваат дека процентот на оние што ќе излезат на гласање би можел да биде под 50 проценти, неопходни за овој референдум да биде валиден. Сепак, словачкиот Парламент и натаму ќе може да го ратификува договорот за приклучување на земјата кон ЕУ. Словачка заедно со уште девет европски земји минатиот месец го потпиша договорот за пристапување кон Унијата.
САРС
Кина го суспендира посвојувањето на деца од страна на странски државјани во земјата, како мерка за спречување на ширењето на САРС, додека тајванскиот министер за здравство поднесе оставка на функцијата.
Во Пекинг, владиниот кинески Центар за прашања за посвојување соопшти дека ги повлекува документите за патување кои им дозволуваат на странците да посвојат деца од сиротилишта. Годишно во земјата се посвојуваат илјадници деца. Во Тајван, министерот за здравство, Ту Шинг Јер поднесе оставка на функцијата, во време кога меѓународните здравствени експерти изразија загриженост оти вирусот се шири од Тајпеи кон југ на островот.