Линкови за пристапност

Колин Пауел се надева оти Советот за безбедност наскоро ќе ги укине санкциите против Ирак - 2003-05-16


Господинот Пауел имаше многу теми за разговор со канцеларот Шредер и германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер. Но беше јасно дека укинувањето на санкциите против Ирак и протокот на нафта за создавање профит за земјата разорена од војни, му беа најмногу на ум.

„Можно е ова прашање за резолуцијата на ОН со која ќе се укинат санкциите брзо да биде затворено, во текот на следните неколку дена до една недела, и да се постави власт која ќе ни овозможи да почнеме да му помагаме на ирачкиот народ на подиректен начин“, истакна господинот Пауел.

После получасовната средба со господинот Пауел, германскиот канцелар, нестрплив да ги поправи нарушените односи меѓу Вашингтон и Берлин, сигнализираше дека е подготвен да соработува со Американците по прашањето на санкциите.

„Ние сметаме дека санкциите врз Ирак кои беа воведени во одредено време, веќе немаат смисла и би требало да бидат симнати колку што е можно побрзо. Обајцата веруваме дека треба да се соработува во ОН во Њујорк и да се најде заедничко решение“, рече господинот Шредер.

Но и покрај поддршката за укинување на санкциите, тој не навести дали Германија ќе ја поддржи резолуцијата предложена од САД, за која во моментот се расправа во Советот за безбедност, а со која на САД и на нивните сојузници им се даваат широки овластувања да управуваат со Ирак и со неговата нафта.

Подоцна, на работниот ручек со господинот Пауел, министерот за надворешни работи Фишер се потруди да го појасни германското став, велејќи дека неговата земја ќе работи колку што може за да се постигне консензус меѓу членките на Советот за безбедност.

„Предлог-резолуцијата на ОН е многу добра основа за водење дикусија и денеска споменавме дека сме на вистинскиот пат кон консензус. Дали тоа ќе успее, ќе треба да почекаме и да видиме. Не се важни само ставовите на САД и Велика Британија, туку и на другите членки на Советот за безбедност“, рече Фишер.

Но обезбедувањето консензус може да биде тешко. Франција и Русија, две земји со право на вето во Советот, сакаат санкциите врз Ирак да бидат суспендирани, а не укинати, се додека инспекторите за оружје на ОН не утврдат дека во земјата веќе нема оружје за масовно уништување.

Но американските дипломати кои патуваат со господинот Пауел ја истакнуваат подготвеноста на Германија да соработува со Вашингтон на подигање на санкциите, како идеален начин двете земји да ги спасат меѓусебните односи кои порано беа многу блиски.

И државниот секретар вели дека и покрај разликите во однос на војната во Ирак, Германија и САД имаат многу заедничко.

„Несогласувањата не се невообичаени кај пријателите, а овие несогласувања може повремено да станат прилично кавгаџиски. Исто така знаеме што не поврзува – заедничките вредности, заедничките жртви и сегашната соработка во многу делови од светот, како на Балканот, во Авганистан или на други места“, рече секретарот Пауел.

Но, и натаму има пречки во односите меѓу канцеларот Шредер и претседателот Буш. Нивните односи беа нарушени за време на кампањата на господинот Шредер за негов повторен избор минатиот септември, кога германскиот лидер зборуваше против американските воени планови, а тогашниот министер за правда го спореди американскиот претседател со Адолф Хитлер.

XS
SM
MD
LG