Линкови за пристапност

Карла Дел Понте: „Младиќ, Караџиќ и Готовина мора да бидат уапсени и изведени пред суд, зашто само така земјите од каде доаѓаат ќе покажат соработка“ - 2003-05-16


Госпоѓа Дел Понте кажа дека во моментов се трага по 18 лица за кои се верува дека се одговорни за воени злосторства и многумина се наоѓаат во Србија и Црна Гора. Како најпознат таа го издвои Ратко Младиќ, подвлекувајќи дека досега од српската Влада нема добиено повратна информација за тоа што било сторено ова лице да се лоцира. Таа кажа дека има и други сознанија за тоа каде се наоѓа господинот Младиќ, но, како што рече, не може никому да му ги пренесе, бидејќи не може да биде сигурна дека власта навистина соработува и се обидува да го уапси. Сепак, госпоѓа Дел Понте изрази надеж дека Младиќ ќе биде екстрадиран во јуни оваа година.

Обвинителката Дел Понте истакна дека има некаква соработка кога станува збор за документацијата, но и овде наидува на проблеми. „Изговорот за тоа што не добиваме дел од документите потребни за судењето на господинот Милошевиќ, е дека тие биле уништени при бомбардираето на НАТО на Србија“, рече таа. Госпоѓа Дел Понте најави дека во понеделник ќе престојува во Белград за да се обиде да ја утврди автентичноста на документите чија копија е кај неа.

Според првиот човек на Хашкиот суд, владата на Србија и Црна Гора соработувала со Трибуналот само кога тоа било во прилог на нејзините политички интереси.

Што се однесува до судењето на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ, таа кажа дека особено по атентатот врз премиерот Зоран Ѓинѓиќ се појавуваат, како што ги нарече, спонтани сведоци кои бараат да излезат пред суд и тоа за неа е од големо значење.

За Хрватска, госпоѓа Дел Понте вели дека тука ситуацијата се подобрува.

„Морам да кажам дека оваа земја е многу поподготвена за соработка со Трубуналот и главно тоа се должи на аспирацијата на Хрватска за членство во ЕУ. Кога станува збор за Хрватска, тежнееме да го уапсиме Готовина, поранешниот генерал Готовина кој е во ранг на Младиќ во Србија и Караџиќ во Босна“, смета госпоѓа Дел Понте.

Според неа, Младиќ, Караџиќ и Готовина мора да бидат уапсени и да бидат изведени пред суд и притоа таа повика на соработка од страна на меѓународната заедница во овие напори. Нивното апсење, вели таа ќе отвори пат за подобра понатамошна соработка со овие земји.

Запрашана за двата случаи на можни воени злосторства сторени за време на конфликтот во Македонија, од кои едниот е случајот во скопското село Љуботен, а другиот е масакрот на македонските безбедносни сили кај Вејце, обвинителката само потврди дека се водат две истраги за можни воени злосторства, но не даде никакви детали за текот на истрагите. Во однос на ископувањата на наводни масовни гробници, што во средата започнаа во тетовско, госпоѓа Дел Понте се извини што за тоа нема информација.

XS
SM
MD
LG