Линкови за пристапност

Пауел во Германија: Разговори за Ирак, израелско-палестинската ситуација и нарушените билатерални односи - 2003-05-15


Господинот Пауел е највисокиот член на американската Влада кој доаѓа во посета на Германија откако минатиот септември коалицијата предводена од Социјалдемократите на Герхард Шредер извојува тесна победа на изборите. Изборната кампања на партијата се водеше на силна анти-воена платформа, што го налути Вашингтон.

Господинот Шредер и претседателот Буш не разговарале од минатиот ноември. Но високи германски и американски претставници сега изразуваат подготвеност да работат на унапредување на односите и на заеднички настап во иднина.

Секретарот Пауел утре ќе разговара со канцеларот Шредер, пред да замине на средба со министерот за надворешни работи, Јошка Фишер, кој е во добри односи со американскиот државен секретар.

Се очекува на средбите да доминираат три теми: Ирак, израелско-палестинската ситуација и нарушените билатерални односи.

Аналитичарот Гери Смит, кој раководи со Американската академија во Берлин, вели дека господинот Пауел, пред се ќе побара поддршка од Германија за резолуцијата што САД ја предложија во Советот за безбедност на ОН, со која би се укинале санкциите против Ирак.

„Доколку Германија ја поддржи резолуцијата и се заложи за укинување на санкциите против Ирак, доколку практично започне да се ослободува од контролата на Франција во надворешната политика, тогаш тоа нема да мине незабележано во САД“, вели тој.

Германските анти-воени партнери, Франција и Русија, се противат на резолуцијата, освен доколку на инспекторите за оружје на ОН не им се дозволи да се вратат во Ирак, со цел да потврдат дека во земјата нема оружје за масовно уништување. Иако Германија е за тоа ОН да имаат водечка улога во повоен Ирак, германските дипломати велат дека нивната земја е подготвена, како што вели еден од нив, да биде прагматична и конструктивна во расправата во Советот за безбедност околу обновата на Ирак.

Нешто порано денеска господинот Пауел оддаде признание на една друга членка на Советот за безбедност, која ја поддржа американската позиција во однос на Ирак.

На прес-конференцијата во Софија, тој ја поздрави поддршката на Бугарија, во време кога, како што рече, на САД им била потребна помош од пријателите.

„Ќе беше лесно за мала земја како Бугарија само да се повлечеше и да кажеше - ние нема да бидеме инволвирани. Само ќе набљудуваме. Но, Бугарија знаеше што треба да направи, го стори вистинското нешто, и цврсто и храбро застана зад тоа. Тоа никогаш нема да го заборавиме“, рече американскиот државен секретар.

Господинот Пауел кажа дека знак за тоа колку многу САД ја ценат поддршката на Бугарија е едногласното одобрување во Сенатот минатата недела за нејзиното пристапување во НАТО, каде е поканета да се вклучи идната година.

XS
SM
MD
LG