Линкови за пристапност

Најнови вести, 14 мај - 2003-05-14


САД-Македонија

САД велат дека ќе ја намалат воената финансиска помош за земјите што нема да потпишат договор за изземање на Американците од прогон пред Меѓународниот кривичен суд. Портпаролот на Стејт Департментот Филип Рикер завчера рече дека со Законот за заштита на припадниците на американските вооружени сили одобрен минатата година и кој стапува на сила на 1 јули годинава, се забранува воена помош за земјите што не го потпишале овој договор. Г-динот Рикер кажа дека САД испратиле тим во Скопје кој преговара со македонските власти за овој договор. Во меѓувреме, хрватски официјални лица изразуваат надеж дека земјата ќе биде изземена од потпишување на ваков договор, бидејќи Хрватска е под јурисдикција на Судот на ОН за воени злосторства за поранешна Југославија.

Саудиска Арабија

Американскиот амбасадор во Саудиска Арабија вели дека САД побарале, но не добиле зајакнато обезбедување на станбените објекти во Ријад каде што живеат државјани на западните земји, пред завчерашниот самоубиствен напад. Амбасадорот Роберт Џордан рече дека американските власти на почетокот на овој месец од саудиската Влада побарале дополнително обезбедување, по сознанијата за потенцијална закана. Во денешното интервју за американска телевизија, саудискиот министер за надворешни работи принцот Сауд ал Фаисал изјави дека разузнавачките информации укажувале дека се планира неков можен напад. Тој подоцна кажа дека саудиската безбедност била премногу слаба и оти владата мора да направи подобрувања. Саудиските власти ја обвинуваат терористичката мрежа ал-Каида за завчерашните бомбашки напади во Ријад , во кои властите велат дека загинале 34 лица.

Ирак-гробница

Ирачаните досега ексхумирале три илјади тела од една масовна гробница во која се верува дека се наоѓаат останките на Шиитите кои биле убиени по неуспешното востание во 1991 година против Садам Хусеин. Ова место што се наоѓа во близина на градот Махавил, јужно од Багдад можеби е најголемата масовна гробница што е пронајдена по соборувањето на режимот на Садам од страна на силите предводени од САД. Американските маринци што се наоѓаат на местото на анстанот ги цитираат локалните медицински претставници кои велат дека од гробницата би можеле да бидат извадени до 14.000 тела.

Чеченија-експлозија

Чеченски официјални претставници соопштија дека 14 лица загинале, а над 150 се повредени во денешниот самоубиствен бомбашки напад, демантирајќи ги претходните извештаи за 30 загинати. Се вели дека нападот во селото Илишкан Јурт, источно од главниот град Грозни можеби бил обид за атентат врз регионалниот админстратор под надлежност на Москва Ахмед Кадиров.Министерството за вонредни ситуации соопшти дека нападот го извршиле две жени во близина на еден верски собир. Се известува дека најмалку двајца телохранители на г-динот Кадиров се меѓу загинатите, но администраторот на бил повреден. Нападот уследи само два дена по самоубиствениот бомбашки напад со камион-бомба во комплексот згради на руската Влада во Чеченија, при што загинаа 59 лица.

Пауел во Москва

Американскиот државен секретар Колин Пауел изјави дека Русија и САД се уште не ги усогласиле разликите во однос на санкциите на ОН против Ирак. Сепак г-динот Пауел за новинарите во Москва изјави дека двете држави тесно ќе соработуваат во следниот период во обид да постигнат договор за укинување на санкциите. Коментарите на г-динот Пауел уследија по неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Игор Иванов. Г-динот Путин рече дека спорот околу Ирак не влијае на основата врз која се темелат американско-руските односи. Разговорите во Москва ги опфаќаат и блискоисточниот мировен договор, познат како мапа кон мирот и американската загриженост околу руската нуклеарна соработка со Иран.

САРС

Кина денеска пријави најмала бројка на нови случаи на САРС во изминатите недели, додека Тајван и Сингапур имаат тешкотии во напорите да ја стават болеста под контрола. Кинеското министерство за здравство денеска соопшти дека имало пет нови смртни случаи и 55 заразени. Ова се најмали бројки од 20 април наваму. Во Тајван, властите стравуваат дека САРС се проширил од областа на Тајпеј до југ на островот. Во Тајван имало уште еден смртен случај и 10 нови заболени од САРС. Во Сингапур, владата соопшти дека е можно болеста да се проширила во најголемата државна психијатриска болница. Сингапур веќе две недели не пријавил нови случаи на заразени со САРС.

XS
SM
MD
LG