Линкови за пристапност

Осоменичени терористи притворени на тајни локации - 2003-05-14


Висок армиски претставник вели дека на овие тајни места се чуваат главни оперативци на Ал-Каида заради испрашување. Тој одби да каже каде се тие места, и кој управува со нив.

Но, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд претходно индицираше дека најважните лица осомничени за тероризам имаат специјален третман, различен од оној за обичните членови на ал-Каида кои се чуваат во Авганистан или се испратени во Гвантанамо.

“Во некои случаи, се работи за виши членови на Ал-Каида, и тие се третираат на сосема различен начин. Со нив се постапува многу внимателно“, изјави секретарот за одбрана.

Господинот Рамсфелд одби да елаборира понатаму заради, како што рече, чувствителни разузнавачки и безбедносни причини.

“Кога се собираат разузнавачки информации, корисно е тоа да може да се прави во средина таква што никој во светот нема да знае каква информација всушност имате“, рече господинот Рамсфелд.

Високиот армиски претставник кој зборуваше за Гласот на Америка под услов да остане анонимен вели дека тајно чуваните осомничени терористи и тајните места каде тие се чуваат не се под контрола на Пентагон.

Прашањето за тајно притворање во странство за прв пат беше покренато во Вашингтон Пост во декември минатата година, кога весникот извести дека некои од приведените биле испратени во Египет, Јордан и Мароко. Написот изрази загриженост дека таквата пракса може да води кон злоупотреба на човековите права и тортура.

Главниот правен службеник во Одделот за одбрана во писмо минатиот месец потврди дека некои осомничени терористи може да биле префрлени „во други држави за натамошен притвор во наше име“.

Досега беше познато дека во објектот во Гвантамо има околу 680 притвореници, а други триесетина се наоѓаат во воздухопловната база Баграм во Авганистан. Досега американската армија од притвор пушти 36 лица.

Од друга страна, директорот на ЦИА Џорџ Тенет пред Конгресот порано месецов кажа дека САД и коалиционите партнери во војната против тероризмот притвориле повеќе од три илјади членови на Ал-Каида. Централната разузнавачка агенција одби да коментира на прашањето дали американски претставници предале осомничени терористи на други земји.

XS
SM
MD
LG