Линкови за пристапност

Конгресот бара укинување на санкциите врз Ирак - 2003-05-14


Необрзувачката Резолуција повикува на итно и безусловно укинување на санкциите и ги повикува земјите - членки на ОН да тргуваат со Ирак.

Главниот поднесувач на резолуцијата, репубиканскиот конгресмен Ник Смит вели дека целта е да испрати јасна порака до Советот за безбедност на ОН:

“Така што членовите на Советот за безбедност ќе разберат дека американската влада е едногласна во однос на Ирак. Коалицијата му ја врати слободата на ирачкиот народ, но со овие санкции ОН ја блокираат можноста за економска слобода и за опоравување од тиранијата на Садам ХусеинЌ, вели господинот Смит.

Се очекува и Сенатот да одобри слична верзија на резолуцијата, со што би се одразил ставот на целиот Конгрес воопшто во однос на санкциите.

Обновата на Ирак беше на дневен ред и на вчерашниот распит во Конгресот на кој сведочеше генералот Џеј Гарнер, кој до минатата недела беше на функцијата администратор на Коалицијата во Ирак.

Некои конгресмени имаат критики за начинот на кој САД ја спроведуваат повоената обнова во Багдад и во другите градови и се скептични во однос на долгорочните американски планови.

Во сведочењето, кое на Комисијата и беше презентирано на видео – лента, генералот Гарнер не одговори директно на критиките, определувајќи се да се фокусира на успесите по завршувањето на главните борбени дејства:

“Таму нема хуманитарна криза. Сега таму постојат хуманитарни прашања, и некои од нив се сериозни. Но поената е што кризата што се предвидуваше и за која мислев дека ни претстои, не се оствари“, изјави Гарнер.

Сепак, републиканскиот конгресмен Кристофер Шејс наведе дека постои серија проблеми, пред се во однос на безбедноста.

“Тешките лекции научени во Босна, Косово, Сомалија, Хаити и Авганистан за потребата од итно справување со беззаконието се чини дека не беа дел од воениот план додека траеше походот кон Багдад. Воените елементи на основна безбедност и слободен проток на хуманитарната помош треба да бидат воспоставени многу брзо пред бандите и радикалното свештенство да добијат можност да наштетат на високоморалното ниво стекнато со победата во војната“, вели конгресменот Шејс.

Генералот Гарнер како приоритети за обнова во Ирак ги наведе капацитетите за производство на електрична енергија на ниво од пред војната, подобрување на дистрибуцијата на храна и гориво, исплата на плати за цивилните службеници и можеби најважното нешто - подобрување на безбедноста.

Генералот Гарнер според планот треба да го напушти Ирак кон средината јуни. Него го замени Пол Бремер, дипломат од кариера кој вчера и формално ја презеде должноста.

Оваа недела се очекува Конгресот поблиску да се посвети на Ирак, со тоа што Комисијата за меѓународни односи на Претставничкиот дом ќе ја испитува американската политика во повоен Ирак. Исто така две поткомисии ќе ја разгледуваат програмата „нафта за храна“ и напорите средствата и имотот на Садам Хусеин да се врати во раце на ирачкиот народ.

XS
SM
MD
LG