Линкови за пристапност

Виртуелни училишта - 2003-05-13


_ “Училиштата веќе не се она што беа“. Вака често се жалат постарите Американци, кои напати сметаат дека образовните стандарди се пониски и дека од децата веќе не се бара да ги научат основите на читањето, пишувањето и математиката. Сепак, тезата дека училиштата не се она што беа, не секогаш мора да значи дека децата учат помалку од потребното:

Предградие на Мајами. 14-годишниот Курт Дарнберг се подготвува да влезе во неговата училница по алгебра.

Училницата на Курт е Интернет-страница што тој ја посетува преку компјутер. Овој осмооделенец посетува часови по Алгебра два во Виртуелното училиште на Флорида. Оваа програма, финансирана од федералната држава, започна пред шест години со само 77 ученици, а сега нејзините часови ги посетуваат над осум илјади деца. Курт Данберг има вистински професор по математика, чија слика се наоѓа на веб-страницата на Алегбра два. Но Курт никогаш не го има сретнато својот професор. Наместо тоа, тој со него комуницира преку електронска пошта и повремено по телефон. Курт Дарнберг говори за предностите на учењето преку Интернет: „Се работи по сопствено темпо. Имате одреден број задачи и треба да ги завршите до определен рок. Можете да ги завршите кога сакате. Дадена ви е флексибилност, но истовремено имате и поголема одговорност“.

Со тоа што учениците работат според сопствено темпо, Виртуелното училиште на Флорида е различно од традиционалната училница. Во обичните училишта, учениците во просек треба да поминат 180 дена во училница. Доколку ученикот е особено интелгиентен, како Курт, и напредува побрзо од наставниот план и програма, тој сепак би морал да чека 180 дена пред да премине на следното ниво. Ученикот пак, кој има проблеми и не совладал се до крајот на годината, паѓа и мора да ги повтори часовите. Тоа не е случај во Виртуелното училиште на Флорида, каде што учениците работат на задачите се додека не ги научат, а потоа одат понатаму. Се разбира ова може да создаде многу работа за он-лајн професорите, кои често мора во исто време да работат со над 100 ученици кои се на различни нивоа. Но, еден од инструкторите во Виртуелното училиште на Флорида, Мет Вангелис, вели дека ја претпочита електронската училница од традиционалната, каде предавал шест години.

Во традиционалното училиште, вели тој, многу време трошев на други работи, како опремување и одржување на училницата, увежбување на постапката за евакуација во случај на пожар во училиштето, и така натаму. што ме одделуваа од мојата страст за предавање. Во виртуелното училиште, контактите што ги имам со учениците се поврзани само со пртедметот. Децата контактираат со мене затоа што сакаат да научат. Тие не креваат рака да прашаат дали можат да одат во тоалет или дали можат да го наострат моливот, вели господинот Вангелис.

Џули Јанг е извршен директор на Вируелноито училиште на Флорида. Таа вели дека со почетокот на програмата во 1997 година, професорите од нејзиното училиште добиле можност да опфатат области од Флорида кои не биле атрактивни за учителите од аспект на традиционалните училишта.

„Речиси половина од населението на Флорида е рурално, и училиштата во таквите области обично не можеа да привлечат професори и да понудат подобри курсеви. Затоа постоеше желба да се создаде еден ваков електронски пристап низ државата, вели госпоѓа Јанг.

Вируелното училиште на Флорида е финансирано од владата и затоа часовите се бесплатни за сите деца што живеат во оваа федерална држава. Досега, 12 федерални држави во САД воведоа средни училишта преку Интернет, а други пет работат на такви проекти.

XS
SM
MD
LG