Линкови за пристапност

Најнови вести, 9 мај - 2003-05-09


Ирак

САД, Британија и Шпанија планираат денеска да предложат нова резолуција на ОН за укинување на санкциите против Ирак воведени пред една деценија. Со предлог-резолуцијата исто така се предвидува постепено укинување на програмата на ОН нафта-за- храна, која имаше за цел да го намали влијанието на санкциите врз ирачкиот народ. Според новата резолуција, парите од продажбата на ирачката нафта ќе одат во фонд со кој ќе управуваат САД и Британија и ќе биде искористен за реконструкција и за хуманитарни потреби на Ирак. Американскиот амбасадор во ОН, Џон Негропонте изјави дека се надева оти Советот за безбедност ќе ја усвои резолуцијата во текот на наредните недели. Меѓутоа, се уште не се знае дали резолуцијата ќе ја поддржат членките на Советот кои беа против војната во Ирак предводена од САД.

Авганистан

Американскиот заменик државен секретар Ричард Армитаж се наоѓа во Кабул за да ги увери авганистанските лидери дека Вашингтон ќе продолжи да ја поддржува нивната обнова и покрај тоа што се обидува да го обнови Ирак. Господинот Армитаж денеска се сретна со авганистанскиот престедател Хамид Карзаи и го уверуваше во долгорочните заложби на претседателот Буш за Авганистан. Господинот Армитаж кажа дека владата на господинот Карзаи поддржана од САД, не ги контролира сите провинции. Но тој рече дека за мнозинството, господинот Карзаи претставува одредено ниво на сигурност и дека, како што истакна, тоа е добра основа за напредок.

САРС

Според официјалните извештаи забавува ширењето на САРС во Пекинг и Хонгонг, но ситуацијата се влошува во Тајван. Во главниот град на Кина денеска се регистрирани два нови смртни случаи и 48 заразени, додека во Хонгонг починале две лица, а шестмина се заболени. Ова е најмал забележан пораст на заразени во Хонгонг од почетокот на епидемијата на САРС во почетокот на годинава. Но во Тајван се пријавени 18 нови случаи, што е највисока бројка досега. Ова се случува еден ден откако Светската здравствена организација објави предупредување да не се патува во главниот град на Тајван, Тајпеи. Претставникот за здравство во Пекинг, Лијанг Ваниан на новинарите денеска им изјави дека епидемијата покажува знаци на намалување во овој град.

САД-Блиски Исток

Претседателот Буш се очекува денеска да повика на формирање на зона на слободна трговија со која во наредната деценија ќе бидат поврзани САД и неколку земји од Блискиот исток. Претставници на владата на Буш изјавија дека претседателот ова ќе го објави во денешниот говор во Јужна Каролина. Господинот Буш не е подготвен да каже кои земји од Блискиот Исток ќе бидат вклучени во зоната за слободна трговија, велат официјалните претставници, но се очекува неговата понуда да ги опфати земјите кои се согласија да се борат против тероризмот и да спроведат реформи во владите

САД-невреме

Жителите на централните делови на САД ги расчистуваат урнатините по уште една ноќ со големо невреме. Во федералната држава Оклахома, во градот Оклахома торнадото уништило 300 куќи, над илјада биле оштетени, а насекаде имало расфрлани автомобили и камиони. Властите соопштија дека биле повредени над 100 лица, од кои петмина спотешко. Во Канзас синоќа се појавиле седум торнада. Најмалку 42 лица загинаа откако се започнаа торнадата и невремето во неделата. Метеоролошките експерти на американската Влада велат дека денеска се очекува ново невреме во северно-централниот дел од земјата.

XS
SM
MD
LG