Линкови за пристапност

Буш: САД ќе им помогнат на Албанија, Хрватска и Македонија во реформите за влез во НАТО - 2003-05-09


Вчера, на 58-та годишница од сојузничката победа во Европа во Втората светска војна, американскиот Сенат едногласно го одобри вториот круг од проширувањето на НАТО, со кој Бугарија, Романија, Словачка, Словенија, Естонија, Латвија и Литванија се очекува да станат членки на Северноатлантската алијанса.

Претседателот Буш по средбата со министрите за надворешни работи на седумте земји-членки го поздрави овој чекор на Сенатот и повика и другите членки на НАТО што е можно побргу да го ратификуваат проширувањето на Алијансата.

Претседателот Буш истакна дека седумте аспиранти за членство на своја кожа почувствувале како е да се преживее тиранијата и дека многупати ја покажале желбата да живеат во слобода.

„Многупати овие земји ја демонстрираа нивната желба и способност да ја бранат слободата. Тие се докажаа себеси како сојузници преку нивните дела и сега е време да ги направиме сојузници“, истакна г-динот Буш.

Американскиот претседател смета дека мора да им се помогне и на земјите од Балканот да станат целосни партнери во прогресот на Европа.

„Ја поздравуваме определбата на Албанија, Хрватска и Македонија за вредностите и принципите на НАТО и ќе им помогнеме во нивниот процес на реформи“, рече американскиот претседател.

Седумте источно-европски земји беа поканети за членство во Алијансата минатиот септември за време на самитот на НАТО во Прага. Македонија, Албанија и Хрватска тогаш останаа надвор од поканата, но со ветување дека Алијансата ја задржува политиката на „отворени врати“.

XS
SM
MD
LG