Четворица лекари на Светската здравствена организација се наоѓаат во Кинеската провинција Хебеи каде во изминатава недела се регистрирани околу 100 случаи на САРС. Бројот на заболени во главниот дел на кинеската територија и во Тајван и натаму е во пораст.
Светската здравствена организација денеска соопшти дека четворица нејзини лекари можеби ќе успеат да го ограничат ширењето на Тешкиот акутен респираторен синдром - САРС во кинеската провинција Хебеи.
Во изминатите неколку дена, над сто лица во Хебеи заболеа од САРС.
Лекарите се придружувани од експерти од кинеското министерство за здравство и ќе се обидат да и помогнат на оваа кинеска провинција во идентификацијата, изолирањето и лекувањето на заболените од САРС.
Портпаролот на Светската здравствена организација, Питер Кордингли, вели дека агенцијата исто така се надева дека ќе добие повеќе информации за тоа како САРС се преесува од едно до друго место.
„Не можеме да ги поврземе појавите на болеста – не знаеме како таа се јавува од едно место на друго. Имаме бројки без никаква меѓусебна поврзаност“, вели тој.
Од Хебеи мигрираат голем број лица, барајќи работа во Пекинг. Кина стравува дека таа популација ќе го прошири вирусот на САРС од главниот град кон посиромашните области во Кина.
Патувањето на претставници на Светската здравствена организација во Хебеи уследи по изјавата на премиерот Вен Џиабао објавена преку државните медиуми, дека здравствените системи во руралните области ќе се соочат со голем проблеми во справувањето со САРС. Во текот на изминатава недела во Кина се појавуваа секојдневно над 100 нови случаи на САРС. САД ветија медицинска помош и поддршка за сузбивање на болеста.
Во Кина од САРС се инфицирани околу 4.600 лица, од кои над 200 починаа.
Како една од најновите мерки за ставање на болеста под контрола, кинеските власти сопштија дека домашните животни на жителите на Пекинг кои се наоѓаат во карантин ќе бидат или изолирани или убиени. Здравствените работници се загрижени дека животните би можеле да бидат носители на вирусот. Експертите работат на откривање на поврзаноста на животните и луѓето во однос на болеста, но засега нема никакви откритија.
Во Хонг Конг, бројот на новите инфицирани лица што дневно се регистрираат опадна на едноцифрен број, но трагичниот биланс и натаму е висок. Во Хонг Конг денеска се пријавени осум нови случаи на заразеност и 11 смртни случаи, со што вкупниот број на досега починати изнесува 204 лица. На оваа територија досега се регистрирани 1.600 заразени лица.
Во Тајван од САРС денес починаа три лица со што вкупниот трагичен биланс изнесува 14. Таму се пријавени 120 случаи на заразеност со САРС. Вчера американскиот Стејт Департмент ги предупреди Американците да не го посетуваат островот.
Исто така, Американскиот Центар за контрола и превенција на болести вчера го повлече предупредувањето за патување во Сингапур, каде беа регистрирани 200 случаи на САРС и 27 починати лица. Строгите карантини во Сингапур навидум придонесоа САРС барем таму да биде ставен под контрола.