Линкови за пристапност

Дик Чејни повторно со Џорџ Буш во трката на претседателските избори во САД во 2004 година - 2003-05-07


Потпретседателот Чејни за весникот Далас Морнинг Њуз од Тексас изјавил дека тој се чувствува целосно здравствено способен за уште една ваква кандидатура од Републиканската партија.

Шеесетидвегодишниот Чејни во 1978 година преживеал четири инфаркти, а во 1988 година му беше извршена операција за вградување на четирикратен бајпас, и сега 24 часа се наоѓа под лекарска контрола.

Претседателот Буш претходно рече дека ќе побара од г-динот Чејни да биде негов потпретседателски кандидат во 2004 година. Портпаролот на Белата куќа Ари Флејшер, оваа одлука на потпретседателот ја нарече формалност.

На прашањето дали ова значи и официјален почеток на кампањата за реизбор, г-динот Флејшер само кажа дека претседателот ќе има што да каже во соодветно време.

Г-динот Чејни за Далас Морнинг Њуз вели дека од оваа трка ќе се откаже само доколку се соочи со здравствени проблеми кои би му попречувале во работата. Слично објаснување тој даде и пред две години, кога му беше вграден пејсмејкер за подобрување на работата на срцето.

„Како што е познато, јас долго време, сега веќе речиси половина век, живеам со коронарно заболување. Тоа не е ништо ново. Доколку лекарите некогаш заклучат дека не можам да ја работам оваа работа, веројатно јас ќе бидам прв што ќе го кажам тоа“, вели актуелниот американски потппретседател.

Доколку претседателот Буш биде реизбран, тој веќе нема да може да се кандидира и во тој контекст се шпекулира дека претседателот ќе го замени г-динот Чејни со некој што би можел да го наследи во 2008 година.

На г-динот Чејни, кој е поранешен конгресмен од Вајоминг се гледа како на личност која нема претседателски амбиции. Но, исто така се смета дека г-динот Чејни има многу позначајно влијание од многумина потпретседатели.

Тој во администрацијата на претседателот Џорџ Буш постариот беше секретар за одбрана и раководеше со кампањите за соборување на панамскиот лидер Мануел Нориега и за истерување на ирачките трупи од Кувајт во Заливската војна во 1991 година.

Во однос на неодамнешната војна во Ирак, потпретседателот Чејни беше противник на дипломатско решение и придонесе во одлучувањето за соборување на Садам Хусеин со инвазија на земјата.

Г-динот Чејни е еден од водечките социјални конзервативци во американската администрација. Тој исто така беше автор на енергетската политика на Белата куќа за зголемување на нафтените дупчења во дивите предели на Арктикот.

Поврзаноста на потпретседателот со нафтената индустрија ги покрена прашањата за неговата независност. Пред неговото доаѓање во администрацијата на претседателот Буш, тој пет години беше извршен директор на компанијата Халибартон. Оваа фирма без тендер го доби договорот за гаснење на пожарите на нафтените извори во Ирак. Инженерските единици на Американската армија сега велат дека со овој договор на Халибартон му се дозволува испумпување и дистрибуција на ирачката нафта.

Демократите во Конгресот прашуваат дали оваа компанија, договорот вреден 50-милиони долари го добила поради поврзаноста со потпретседателот. Конгресменот од Калифорнија Хенри Ваксман бара од Федералната сметководствена канцеларија да спроведе истрага за случајот.

Г-динот Флејшер ги негира обвинувањата, истакнувајќи дека Белата куќа нема ништо со договорите за обнова на Ирак и дека не интервенирала во името на Халибартон.

XS
SM
MD
LG