Линкови за пристапност

Нова аудио лента на која се претпоставува дека говори Садам Хусеин - 2003-05-07


Се појави нова аудио лента со, како што се претпоставува, гласот на Садам Хусеин во која тој ги повикува Ирачаните да го отфрлат присуството на американските сили во Ирак. Ова е прва наводна лента на поранешниот ирачки лидер откако минатиот месец беше симнат од власт и во време кога и натаму се поставуваат прашањата дали е се уште жив.

На аудио лентата, говорникот кој тврди дека е Садам Хусеин вели дека се уште се наоѓа во Ирак. Тој ги повикува сите Ирачани да се соочат со окупаторите - како што ги нарекува американските и коалиционите сили,и да ги исфрлат надвор од земјата.

Петнаесетминутниот монолог му бил даден на новинарот Ед О’Лаглан од австралискиот весник Сандеј Морнинг Хералд во Багдад и тоа од некој кој рекол дека се обидувал лентата да ја достави до катараската телевизиска мрежа, Ал-Џазира.

„За да дојде до Ал-Џазира, треба да помине низ американско обезбедување, кордон американски војници и на крај,во разговор со мојот преведувач, еден од нив едноставно ја втурнал лентата и рекол: `За доброто на Ирак, погрижете се ова да биде емитувано`, а потоа избегале“, истакнува г-динот О`Лаглан.

Портпаролот на Белата куќа, Ари Флејшер изјави дека лентата ќе биде анализирана, но до овој момент американските претставници не беа во можност да потврдат дали навистина се работи за гласот на Садам Хусеин. Минатата недела еден влијателен арапски весник со седиште во Лондон објави статија во која вели дека добил писмена порака од поранешниот ирачки лидер во која тој ги повикува Ирачаните на востание.

Се уште не се знае дали Хусеин ги преживеал нападите под американско раководство во Ирак, иако секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд вели дека негова претпоставка е оти тој е се уште жив.

Неодамна, имаше серија индикации дека високи членови на соборениот ирачки режим, Садам Хусеин и неговите двајца синови, можно е да ги преживеале нападите и дека се обидуваат да избегаат во друга земја. Американски официјални лица велат дека непосредно пред почетокот на војната, членови на семејството на поранешниот ирачки лидер, повлекле околу милијарда долари од ирачаката Централна банка. Американските претставници ја обвинија и Сирија за тоа што дозволува припадниците на соборената ирачка Влада да пребегаат во оваа земја, обвинение кое сириското ракововодството го отфрла.

XS
SM
MD
LG