Линкови за пристапност

Работна група на американскиот Сенат ги објави документите за сослушувањата што ги водел Џозеф Мек Карти - 2003-05-06


Работна група на американскиот Сенат објави документи стари половина век, од контроверзните сослушувања водени од поранешниот сенатор Џозеф Мек Карти за наводна комунистичка инфилтрација во американските институции. Со нив се фрла повеќе светлина на едно од темните поглавја во американската историја.

Сенаторот МекКарти претседаваше со Сенатската поткомисија која вршеше истрага од 1953 до 1954 година, во екот на Студената војна меѓу САД и Советскиот Сојуз.

Овој републиканец од федералната држава Висконсин ја искористи својата функција за водење сурова анти-комунистичка кампања, прозивајќи јавни личности и одржувајќи серија жестоки сослушувања, што критичарите го етикетираа како „лов на вештерки“.

Со малку или без воопшто докази за своите обвиненија, сенаторот Мек Карти ја напаѓаше репутацијата на своите противници. Таквата пракса стана позната како „мекартизам“.

Во понеделникот, истата поткомисија со која тој на времето претседаваше, објави стенограми од сослушувањата, над девет илјади страници материјал што опфаќаат 160 сведочења зад затворени врати и искази на преку 500-тини сведоци.

Сенаторот Сузан Колинс, републиканец од Мејн, беше надлежна за издавањето на материјалот.

„Транскриптот, што беше запечатен педесет години, фрла нова светлина на срамно поглавје во американската историја, време кога стотици невини луѓе пропарадираа пред оваа сенатска поткомисија, со малку почит за нивните уставни права, време кога атакот врз личности, бескрупулозното валкање на нивниот образ и создавањето асоцијативна вина надвладеаја над вистината и чесноста“, вели таа.

Меѓу повиканите да сведочат пред сенаторот МекКарти се и композиторот Арон Копланд, писателот Ленгстон Хју, и новинарот на Њујорк Тајмс, Џејмс Рестон, како и актери, владини службеници, организатори на трудови синдикати и армиски офицери.

Сенаторот МекКарти стана познат по тоа што на сведоците им кажуваше дека имаат уставно право да одбијат да одговорат на прашањата, но секое такво одбивање тој го толкуваше како признание на вината. И покрај неговите закани, дека оние кои ќе одбијат да соработуваат, би можеле да бидат обвинети за лажно сведочење и сокривање на вистината пред Конгресот, никој не појде во затвор како резултат на неговите сослушувања.

Во 1957-ма година, како резултат на мекартизмот, Врховниот суд донесе одлука дека сведоците пред конгресните комисии уживаат полни уставни права, по што Сенатот ги ревидираше своите правила за сослушување, заради заштита од идни злоупотреби.

Сенаторот Колинс вели дека новообјавените документи служат како важно потсетување.

„Обезбедувајќи пристап на јавноста до овие документи од таа ера, се надеваме дека екцесите на мекартизмот ќе служат како поука за идните генерации“, смета г-ѓа Колинс.

Иако никој не заврши зад решетки врз основа на сослушувањата што ги спроведуваше МекКарти, едно лице, вработено во Гласот на Америка, го загуби животот.

Историчарот на Сенатот, Доналд Ричи, вели дека инженерот на Гласот на Америка Рејмонд Каплан, извршил самоубиство плашејќи се дека ќе биде повикан да сведочи.

„Тој не беше повикан, но други кои работеа со него биле повикани да објаснат што се случило. Тоа беше таа атмосфера на страв, при што тој беше убеден дека ќе биде цел на нападите од оваа поткомисија“, вели г-динот Ричи.

Се работело за два предаватели во чија изградба господинот Каплан учествувал. Тие не емитувале сигнал кон Советскиот Сојуз како што било планирано, а сенаторот Мек Карти бил убеден дека се работи за субверзија, а не за грешка, како што подоцна се покажало.

Затворените сослушувања на сенаторот МекКарти по извесно време станаа достапни на јавноста со тоа што беа пренесувани на американската телевизија. Неговите методи предизвикаа реакции во јавноста, што резултираше во тоа во декември 1954-та тој да биде икорен од Сенатот. Господинот МекКарти почина три години подоцна од компликации поврзани со алкохолизам.

XS
SM
MD
LG