Ова ќе биде само вежба, но Одделот за домашна безбедност преку неа сака да дојде до реалната слика за подготвеноста на САД да реагираат на терористички напад .
„Вежбата започнува со претпоставка на разузнавањето дека меѓународна терористичка организација планира напади врз неколку американски градови“, објаснува Тед Меклин од Одделот за домашна безбедност.
Тој додава дека вежбата ќе започне в понеделник, во Сиетл, федералната држава Вашингтон, со симулирана терористичка детонација од радиоктивна направа, позната како валкана бомба.
Организирана со дозвола од Конгресот, во вежбата ќе учествуваат илјадници вработени во локалните и федералните власти од целата земја, потоа лекари и друг медицински персонал, и сите други кои би биле повикани на должност во случај на напад.
Американскиот секретар за домашна безбедност, Том Риџ вели дека вежбата ќе биде тест за координираноста на различните инстанци во власта во случај на напад.
„Ќе има некој кој ќе ја има улогата на претседател, некој на началник на Генералштабот. Во текот на петте дена, колку што ќе трае вежбата, ќе се обидеме да донесеме што е можно поголем број одлуки. Ќе има многу улоги, а јас ќе се играм себе си, директор на Канцеларијата за домашна безбедност“, појаснува г-динот Риџ.
Според експертот за тероризам, Нил Ливинстон, поуките од вежбата најдобро ќе покажат зошто било потребно таа да се одржи.
„Ова ќе биде мошне корисна лекција. Не мислам дека земјата е добро подготвена во моментов да одговори на каков и да е напад, и затоа е мошне важно да работиме повеќе на теренот, каде различните агенции ќе можат да соработуваат, да видиме како се одвива меѓусебната комуникација, да видиме како реагираат на различни работи. Како земја, се уште сме мошне ранливи“,смета г-динот Ливинстон.
Американски официјални лица на повеќе наврати ја имаат предупредено јавноста дека земјата и натаму е подложна на уште еден терористички напад, можеби уште посмртоносен од оној на 11-ти септември 2001-ва.