Линкови за пристапност

 
Американскиот претседател бара од Конгресот да одобри поголеми даночни намалувања за Американците - 2003-05-06

Американскиот претседател бара од Конгресот да одобри поголеми даночни намалувања за Американците - 2003-05-06


Претседателот Буш упати нов предизвик до членовите на Конгресот, со барање да одобрат поголеми даночни намалувања за Американците. Кампањата на господинот Буш да ги спаси главните делови на неговиот план за стимулирање на американската економија е темпирана токму кога конгресните пратеници ја привршуваат работата на верзиите на Законот за даночно намалување, пред да гласаат за нив во Претставничкиот дом и во Сенатот.

Со завршувањето на главните борби во Ирак, претседателот Буш се впушти во битка со Конгресот околу неговиот план за стимулирање на економијата, што го предложи во неговото редовно годишно обраќање до нацијата во јануари.

Во тој говор претседателот како еден од неговите клучни домашни приоритети го наведе пакетот даночни намалувања во износ од 726 милијарди долари, меѓу што и контроверзниот предлог за елиминирање на двојното оданочување на корпорациските дивиденди, за што републиканците одамна се залагаат.

Меѓутоа, висината на предложеното даночно скратување, во време коха САД се подготвуваа за вој на против Ирак, како и песимизмот што преовладува во јавноста во врска со сегашната економска состојба, придонесе многумина пратеници во Конгресот, меѓу кои и главните Републиканци во Сенатот, да пројават резерви во однос на даночноото олеснување.

Економскиот план на претседателот најпрвин наиде на удар токму во Сенатот, што е под контрола на Републиканците, со тоа што преложениот износ на даночно скратување беше преполовен.

Како реакција на тоа, претседателот Буш го намали предложениот износ и сега врши притисок врз Конгресот да одобри барем 550 милијарди долари за намалување на даноците. Оваа сума има поддршка од лидерите на Републиканците во Претставничкиот дом.

Се разбира, господинот Буш сака многу повеќе од тоа. Вчера тој изјави дека со оглед на зголемувањето на стапката на невработеност во САД за шест проценти, тој нема намера да се откаже од суштинските аспекти на својот план за економско опоравување изложен пред четири месеци.

„Зголемувањето на невработеноста треба да биде јасен сигнал до американскиот Конгрес дека ни треба смел план за економско опоравување, така што луѓето во Америка што сакаат да работат, ќе можат да најдат работа“, рече американскиот претседател.

Намалувањето на даноците е клучна тема и на Демократите, а особено на нивните кандидати за претседател на изборите во 2004 година, кои првичниот план на господинот Буш за намалување на даноците го нарекоа “награда за богатите“.

Денеска Демократите во Конгресот треба да претстават алтернативен економски план и даночен предлог, Нивната верзија, велат демократите, би создала подобри можности за отворање работни места и за ублажување на долгорочната штета по економијата поради високиот дефицит.

Соочени со контрадикторни бројки за намалување на даноците, Сенатот и Претставничкиот дом поединечно ги финализираат своите верзии на законот. Претставничкиот дом би можел да гласа по законот уште во петок. Верзиите на Претставничкиот дом и Сенатот ќе мора да се усогласат пред крајната верзија на законот за даночно намалување да се најде на потпис кај претседателот Буш.

XS
SM
MD
LG