Линкови за пристапност

Најнови вести, 5 мај - 2003-05-05


Ирак- избори

Претставниците на неколку етнички групи во ирачкиот град Мосул избраа градски совет, со што се одржаа првите избори во еден од поголемите ирачки градови по соборувањето на Садам Хусеин. Вкупно 250 делегати денеска гласаа под огромно американско обезбедување. Американскиот генерал мајор Дејвид Питреус потоа им честиташе на делегатите, велејќи дека презеле голем чекор напред и за Мосул и за Ирак. Во меѓувреме американскиот претставник надлежен за обновата на Ирак, кажа дека очекува во наредните неколку месеци група од девет Ирачани да раководи со привремената влада во земјата. Џеј Гарнер рече дека во неа најверојатно ќе биде вклучен и поранешниот лидер во егзил, Ахмед Чалаби и водачите на две курдски групи.

Хауард во ОН

Австралискиот премиер Џон Хауард побара од Советот за безбедност на ОН да ги остави настрана разликите околу војната во Ирак и да се занимава со повоените прашања. На прес-конфренцијата во седиштето на ОН во Њујорк денеска, г-динот Хауард рече дека сега е време за земјите од Советот за безбедност да се справат со реалноста во Ирак. Тој додаде дека Советот може и треба да игра важна улога во повоен Ирак со укинување на санкциите и со надгледување на изборите кога ќе дојде време за тоа. Австралискиот премиер пред престојот во Њујорк во петокот и саботата имаше средба со американскиот претседател Џорџ Буш на неговиот ранч во Тексас.

Блиски Исток

Американскиот претставник за Блискиот Исток, Вилијам Барнс се сретна со новиот палестински премиер Махмуд Абас за да разговара за таканаречената мапа кон мирот што беше објавена минатата недела. Господинот Барнс одржа слични разговори синоќа со израелскиот премиер Ариел Шарон. Американскиот претставник денеска на новинарите им изјави дека и Палестинците и Израелците треба да преземат практични чекори за унапредување на мировната кауза. Тој рече дека на Палестинците не им преостанува ништо освен одлучна борба против теророт и насилството. Тој кажа дека Израел треба да ги запре активностите за населување на Западниот брег и Газа и да го намали страдањето на Палестинците кои живеат под израелска окупација.

Пакистан-Индија

Пакистански владини претставници соопштија дека Индија позитивно одговорила на поканата за индискиот премиер Атал Бехари Ваџпај да оди на разговори во Исламабад. Портпаролот на пакистанското министерство за надворешни работи изјави дека неговата земја примила писмо од господионот Ваџпај во кое се вели дека тој е подготвен на дијалог со Исламабад. Индискиот лидер минатата недела направи пријателски потег со понуда до Пакистан за започнување на одлучувачки преговори и со обновување на дипломатските односи и сообраќајните врски. Пакистанскиот премиер Зафарула Кан Џамали возврати со формална покана до неговиот индиски колега за дијалог на високо ниво за решавање на разликите меѓу двете земји.

Русија-САД

Меѓу Вашингтон и Москва и натаму постојат несогласувања околу целите на нуклеарната програма на Иран, изјави америиканскиот државен потсекретар Џон Болтон. Тој денеска во Москва имаше разговори со руски претставници со цел да ги убеди да ја прекинат нуклеарната соработка со Иран. По разговорите претставниците на Руското Министерство за Атомска енергија изјавија дека нема докази оти Иран ги прекршил договорите со Меѓународната атомска енергија, што го надгледува спроведувањето на договорите за неширење на нуклеарното оружје. Вашингтон смета дека Иран се обидува да развие нукеларно оружје, но Техеран истакнува дека неговите нуклеарни намери се ограничени на производство на електрична енергија.

Конференција за тероризам

Земјите од Групата 8 велат дека терористичката мрежа Ал-Каида и натаму е сериозна закана и оти е реактивирана во некои области. Министрите за правда и за внатрешни работи од осумте земји денеска се состанаа во Париз за да разговараат за глобалната војна против тероризмот и организираниот криминал. Во соопштението издадено по дискусиите се вели дека Ал-Каида е, цитираме, разнишана од неодамнешните апсења, но дека пасивните поединци и ќелии се секогаш подготвени да дејствуваат. Во еднодневните разговори беа опфатени серија теми, како борбата против меѓународните терористички групи, следењето и блокирањето на финансиските извори на криминалците и заштитата на компјутерските системи. Групата Г-8 ја сочинуваат седумте најразвиени земји во светот, Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД, плус Русија.

XS
SM
MD
LG