Линкови за пристапност

Од Гвантанамо ќе бидат ослободени група затвореници - 2003-05-05


Претставници од одбраната велат дека очекуваат 12 до 15 притвореници, главно од авганистанска националност, да бидат ослободени од Гвантанамо во текот на оваа недела и да бидат вратени во Авганистан.

Овие официјални претставници, кои сакаа да останат анонимни, велат дека овие ослободувања биле планирани пред два месеца, но дека биле одложени од логистички причини заради војната во Ирак. Тие негираат дека притворениците се ослободуваат по наводно барање од државниот секретар Колин Пауел.

Американските медиуми и списанието World Report велат дека тој му испратил писмена поплака на секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд заради наводно лошо постапување со притворениците што ги поткопувало американските напори да се постигне соработка во војната против тероризмот.

Во писмото на Пауел наводно било поставено прашањето за неколку малолетници меѓу 650-те притвореници од околу 40 држави кои се наоѓаат во американската морнаричка база на Куба.

Претставници од одделот за одбрана за Гласот на Америка изјавија дека веруваат оти оваа недела ќе бидат ослободени група малолетници. Тие не можат да потврдат но велат дека е препорачано малолетниците да бидат ослободени уште пред почетокот на војната со Ирак.

Новото ослободување на притвореници најверојатно ќе биде проследено со пристигнување на Куба на неколку нови осомничени за тероризам. Нема детали кои би можеле тие да бидат.

Од Гвантанамо се ослободени дваесетина затвореници. Меѓу нив е и еден постар човек, ослободен од здравствени причини. Но претставнците на Пентагон велат дека главни причини за ослободувањата се тоа што не може да се добијат нови разузнавачки информации од притворениците или пак притвореникот веќе не се смета за закана.

XS
SM
MD
LG