Буш-Ирак
Претседателот Буш денеска во северна Калифорнија порача дека е потребно да се обезбеди национална и економска сигурност.
Тој говореше пред работниците на Обединетата одбранбена индустрија во Санта Клара, каде што се произведуваат борбените возила Бредли, што многу се употребуваа во војната во Ирак. Тој го промовираше и неговиот план за намалување на даноците од 550 милијарди долари, за кој кажа дека ќе помогне за економски растеж. Тој исто така им се заблагодари на работниците што помогнале со производството на оружје со кое било овозможено САД да ја водат војната според американски услови. Тој аргументираше дека со та светот веројатно ќе биде послободен и помирен. Овие две пораки уследија по вчерашното објавување дека завршиле главните воени операции во Ирак, но дека продолжува војната против тероризмот.
Рамсфелд-Лондон-посета
Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд предупреди дека е прерано за оптимизам во врска со Ирак, повторувајќи ја изјавата на претседателот Буш дека се уште има безбедносни проблеми и покрај завршувањето на главниот воен судир.
Тој кажа дека во некои области и натаму е опасно, но дека коалиционите сили преминале во она што го нарече период на стабилизација. Господинот Рамсфелд и британскиот министер за одбрана Џефри Хун денеска разговараа во Лондон за развојот на настаните во Ирак и Авганистан. Господинот Хун, кој беше запрашан за Садам Хусеин, кажа дека не ја знае судбината на ирачкиот лидер, но дека продолжуваат обидите тоа да се утврди.
Ирак
Американската војска соопшти дека во нејзина надлежност се наоѓаат уште две лица од листата на 55 најбарани припадници на режимот на Садам Хусеин.
Американската Централна команда вели дека поранешниот ирачки потпретседател и директорот на ирачката Канцеларија за воена индустрија и се наоѓаат во рацете на коалицијата. Се верува дека оваа канцеларија раководела со напорите за производство на оружје за масовно уништување. Во ирачкиот град Фалуџа, муслиманскиот лидер на денешната молитва повикал на мир по серијата судири меѓу жителите и американските војници. Од понеделникот во Фалуџа беа убиени 15 Ирачани, а седуммина американски војници беа повредени. Дописникот на Гласот на Америка јавува дека во градот денеска е мирно.
Ирак-администратор
Претседателот Буш планира да го именува поранешниот дипломат и експерт против тероризам Пол Бремер да раководи со политичките и напорите за реконструкција на Ирак.
Според медиумите, поранешниот амбасадор Пол Бремер ќе биде назначен за специјален пратеник и цивилен администратор на Ирак. Господинот Бремер ќе раководи со тим во кој ќе биде пензионираниот американски генерал Џеј Гарнер, кој е надлежен за хуманитарна помош и за реконструкција, како и специјалниот пратеник Зелмај Кализад, кој помага во обидите за фромирање на нова ирачка влада. Претставници на владата се надеваат дека господинот Бремер ќе може да добие повеќе поддршка во Ирак и од другите нации кои настојуваат да учествуваат во програмата со која раководи американскиот генерал.
Европа-Ирак
Министрите за надворешни работи на ЕУ се состануваат на грчкиот остров Родос на разговори кои се очекува да бидат фокусирани на обновување на врските со САД и учество во обновата на Ирак.
На овој состанок за прв пат се среќаат претставници на 25 земји, меѓу кои и на 10-те земји кандидатки што ги потпишаа договорите за приклучување кон ЕУ минатиот месец. Европа беше соочена со длабоки поделби меѓу земјите што дадоа поддршка на војната во Ирак под раководство на САД и оние што инсистираа на решавање на кризата преку дипломатија. Домаќин на дводневниот самит е грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Папандреу, бидејќи неговата земја е актуелен претседавач со ЕУ.
Турција-земјотрес
Незадоволни од работата на спасувачките екипи, жителите од областите во југоисточна Турција погодени со вчерашниот силен земјотрес, денеска се судрија со полицијата.
Неколку лица биле повредени кога полицијата пукала во толпата во курдскиот град Бингол. Овој протест се случи додека спасувачите продолжуваат со потрагата по децата кои се затрупани во урнатините на еден студентски дом. Во вчерашниот земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала загинаа 115 лица, а неколку стотини се повредени. Меѓу загинатите има најмалку 46 ученици по уривањето на нивниот студентски дом. 70 деца се уште се водат за исчезнати.
Косово-САД
САД го поддржаа предлогот на еден од водечките лидери на косовските Албанци за привремено запирање на дискусиите за конечниот статус на покраината.
Во денешното соопштение на американското дипломатско претставништво во Приштина се изразува поддршка на повикот на лидерот на етничките Албанци, Хашим Тачи за запирање на дискусиите во прилог на насочување на вниманието кон создавање на мултиетничко општество на Косово. Етничките Албанци повикуваат Косово да стане независна држава. Но меѓународната заедница ги одложи сите активности по тоа прашање. Американското претставништво вели дека главен приоритет е коцентрирање врз развојот на влада на Косово која ќе може да го преземе управувањето од ОН. Администрацијата на ОН е на Косово од 1999 година.