Линкови за пристапност

Дебата: Дали Патриотскиот акт го поткопува американскиот Устав? - 2003-05-02


Од не многу одамна, малото место Аркеида во северна Калифорнија, стана првиот град во САД што усвои закон со кој се забранува доброволно почитување на Патриотскиот акт, што е опсежен анти-терористички закон усвоен во Конгресот по септемвриските терористички напади.

Дејвид Мисерв од градскиот совет на Аркеида вели дека новоусвоениот закон на локалните претставници им дава инструкции да не соработуваат со федералните власти кои во своите барања се раководат според Патриотскиот акт.

„Мислам дека пораката се состои во тоа што чувствуваме оти Патриотскиот акт, Актот за домашна безбедност како и некои други извршни наредби донесени во изминативе неколку години, сериозно го поткопаа Уставот. Имаме право и должност како граѓани, да застанеме зад Уставот, бидејќи Уставот пред се бил напишан за да ги заштити правата на луѓето и на федералните држави“, смета тој.

Патриотскиот акт беше брзо усвоен во Конгрсот по нападите врз САД на 11-ти септември 2001-та. Со него, полицијата и обвинителството се здобија со нови орудија во борбата против тероризмот, со што се олесни процесот на следење и апсење на осомничените за терористичка поврзаност.

Американскиот главен правобранител, Џон Ешкрофт вели дека Патриотскиот акт е неопходен бидејќи им помогнал на властите да спречат десетина потенцијални терористички напади од септември, 2001-ва, наваму.

„Ние ги апсиме и притвораме оние кои се потенцијална терористичка закана. Ја разбиваме терористичката финансиска мрежа и го попречуваме потенцијалното патување на терористите и го градиме нашиот долгорочен анти-терористички капацитет. Ние ја добиваме борбата со тероризмот“, потенцираше г-динот Ешкрофт.

Но групите за граѓански слободи велат дека цената на таа победа на домашен терен, можеби е превисока. Тимоти Едгар е адвокат од Унијата за американските граѓански слободи, од Вашингтон.

„Мислам дека воопшто кај луѓето има некаков страв при користењето на уставните права. Тие знаат дека ако одат во библиотека, стандардите за добивање на податоци од таа библиотека, се намалени. Тие знаат дека во нивните домови може да се врши претрес, без претходна најава. Тие знаат дека сето тоа е можно, заради што се повнимателни што зборуваат, и со таа изгубена слобода и државата станува помалку слободна и помалку демократска“, вели г-инот Едгар.

Претставници на администрацијата на Буш инсистираат дека терористичката закана за САД е реална и дека Патриотскиот акт е неопходно правно средство за да се врши набљудување на осомничените за поврзаност со терористичките групи.

Првиот човек на Одделот за домашна безбедност, Том Риџ вели дека САД се побезбедни, бидејќи Садам Хусеин повеќе не е на власт, но кажа дека меѓународниот тероризам и натаму претставува главна закана.

„Иако го разоружавме диктаторот и неговите поддржувачи, тероризмот во сите форми и со сите свои следбеници, се уште претставува реална и дневна закана за оваа земја и земјите ширум светот“, рече г-динот Риџ.

Претставници на администрацијата на претседателот Буш инсистираат дека постои уставна заштита во новите анти-терористичи закони кои ги заштитуваат граѓански слободи и правото на приватност.

Администрацијата вели дека се уште не го финализирала својот предлог дополнителни анти-терористички закони, но на поборниците за граѓански слободи не им се допадна нацрт-предлогот што го виделе, зашто таму наводно се предвидува овластување на Владата за телефонско прислушкување, па дури и одземање на државјанство.

XS
SM
MD
LG