Линкови за пристапност

Научниците објавија целосна генетска структура на два вида на вирусот САРС - 2003-05-02


Американските и канадските истражувачи фрлија малку светлина на вирусот што го предизвикува Тешкиот акутен респираторен синдром или САРС. Научниците велат дека новите информации треба да помогнат во развивањето на третман и вакцина против болеста слична на пневмонија.

Научниците објавија целосна генетска структура на два вида на вирусот САРС. Околу 5.700 лица во светот се заразија со претходно непознатата болест, а околу 370 починаа. Студијата во која се опишува структурата на молекулот на двата вида беше објавена во списанието “Наука“.

САРС потекнува од Кина, каде што е најголем црниот биланс. Научниците активно работат на откривање дали болеста ја предизвикува уште некој непознат вид на вирус.

Научниците велат дека дошле до некои идеи за тоа како вирусот навлегува во клетките. Тие се надеваат дека тоа ќе го забрза развојот на тестови за откривање на болеста, лекови и вакцини против САРС.

Но, Марк Пеланш од Американскиот центар за контрола на болести и превенција во Атланта, во државата Џорџија, вели дека разликата во видовите на вирусот може уште повеќе да го отежне создавањето на вакцина.

„Прерано е да се знае дали овие разлики ќе имаат влијание на брзината на развојот на вакцината. Дали ќе биде нешто слично како кај грипот, за кој вакцината мора рутински да се менува, или пак нешто како вакцина против детска парализа, каде што истата вакцина се употребува веќе 50 години“, смета тој.

Научниците велат дека вирусот на САРС се појавил кај животните, а потоа преминал кај луѓето. Но тие велат дека веројатно вакцините што се успешни кај животинскиот вид на болеста, нема да функционираат кај луѓето.

Истражувачите исто така потврдија дека вирусот не е мутација на таканаречените корона вируси што предизвикуваат обична настинка и други белодробни заболувања, туку е нов вид.

XS
SM
MD
LG