Линкови за пристапност

Австралија ја предупредува Северна Кореја заради наводна вмешаност во шверц со дрога - 2003-05-02


Австралија ја предупреди Северна Кореја заради нејзината наводна улога во шверц со дрога, а амбасадорот на оваа земја го повика на итен состанок во Канбера. Минатиот месец крај австралискиот брег бил запленет брод што пренесувал хероин и кој припаѓал на Работничката партија на Северна Кореја.

Австралискиот министер за надворешни работи Александар Даунер кажа дека се сомнева оти владата на Северна Кореја шверцува со дрога за да собере пари.

Минатиот месец австралиските власти заплениле товарен брод на Северна Кореја за кој постои сомневање дека во Австралија пренесувал хероин во вредност од 50 милиони американски долари.

Бродот Понг Су го заплениле САС командоси по четиридневна потера во водите крај австралискиот источен брег. Посадата составена од 28 Севернокорејци и неколкумина од Малезија, Сингапур и Кина, наводно ја доставиле дрогата на брегот една недела пред да бидат фатени. Членовите на посадата кои се наоѓаат во притвор се обвинети за помагање на шверц со дрога.

Запленувањето предизвика дипломатски судир, кога министерот за надворешни работи Даунер го повика амбасадорот на Северна Кореја Чон Јае Хонг на итен состанок.

Господинот Даунер кажа дека бродот Понг Су бил сопственост на владејачката Работничка партија во Северна Кореја и дека на бродот бил и член на партијата. Тој рече дека иако Австралијанците не можат да потврдат дека Пјонгјанг стои зад оваа операција, тој е загрижен.

„Доколку има докази оти друга влада или политичка партија, што е владејачка партија на друга земја, е инволвирана во шверц со дрога, тоа би било предмет на комплетно злосторство. Она што ние преземаме е доставување на одредени знаци до Северна Кореја дека сме многу загрижени во моментот“, истакна шефот на австралиската дипломатија.

Господинот Даунер вели дека австралиските разузнавачки агенции ја информирале владата дека таинствениот режим на Северна Кореја продава дрога за да собере пари.

XS
SM
MD
LG