Линкови за пристапност

Најнови вести 1 мај - 2003-05-01


Буш-Ирак

Претседателот Буш треба да објави крај на главните воени операции во Ирак, велејќи дека САД сега своето внимание ќе го пренасочат на реконструкцијата на земјата.

Тој ова ќе го соопшти вечерва, а обраќањето од палубата на носачот на авиони Абрахам Линколн, кој беше користен во воените опрации во Ирак, ќе се пренесува преку националната телевизија. Портпаролот на Белата куќа, Ари Флејшер изјави дека говорот нема да значи конечен крај на борбите, бидејќи во Ирак се уште се присутни остатоци од режимот. Претседателот Буш во вечерашниот говор се очекува на американскиот народ да му порача дека во Ирак се уште треба да се исполнат главните цели. Трупите под американско раководство во Ирак, и натаму трагаат по оружјето за масовно уништување. Се уште не се знае каде се наоѓа поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин.

Ирак

Американската централна команда вели дека при гранатен напад во ирачкиот град Фалуџа, биле повредени седум американски војници.

Американски воен претставник во Фалуџа изјави дека неидентификувани Ирачани ја фрлиле гранатата во една поранешна полициска станица каде сега е сместен дел од американските трупи. Во соопштението на Централната команда уште се вели дека на петмина од повредените војници им се пружа медицинска помош и дека се во стабилна здравствена состојба. Тензиите во Фалуџа растат по неодамнешниот инцидент во кој американските трупи пукале врз демонстранти-цивили, при што загинале најмалку 15 Ирачани.

Пауел-Посети

Американскиот државен секретар Колин Пауел се наоѓа во Шпанија, првата станица од тридневното патување, при што ќе ги посети и Албанија, Сирија и Либан.

Господинот Пауел со шпанските претставници разговара за Ирак и за други прашања од Блискиот Исток. Шпанија е меѓу земјите кои ја поддржуваа војната во Ирак под американско раководство. Утре секретарот Пауел се очекува да пристигне во Тирана, каде ќе ја потпише Американско-јадранската повелба заедно со министрите за надворешни работи на Албанија, Македонија и Хрватска. Во Сирија и Либан, господинот Пауел има намера да разговара за потребата од промени воочи новата ситуација на Блискиот Исток по соборување на режимот на Садам Хусеин во Ирак.

Рамсфелд-Авганистан

Американскиот секретар за одбрана, Доналд Рамсфелд престојува во Кабул за да објави крајот на главните воени операции во поголемиот дел на Авганистан.

Официјалните лица кои го придружуваат господинот Рамсфелд велат дека откако тој разговарал со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, обајцата се согласиле да издадат заедничко соопштение во кое ќе го објават преминот од воените дејствија кон реконструкцијата и хуманитарната помош во Авганистан. Тие велат дека би било пожелно, оние земји кои не сакаа да испратат свои трупи за време на борбите, сега да го сторат тоа, за да помогнат во обновата на Авганистан. Денешниот настан доаѓа 18 месеци по коалиционите операции под американско раководство во Авганистан, при што беше соборен радикалниот талебански режим.

Азија-1-ви Мај

Илјадници Азијци го прославуваат 1-ви Мај барајќи повисоки примања и поголема заштита при работата.

Во Сеул околу 10.000 лица протестираа барајќи работната недела да биде скратена од шест на пет дена. Околу 2.000 Индонезијци пак, повеќето од нив работници, протестираа пред претседателската палата во Џакарта. Некои бараа зголемување на платите и оставка на претседателот Мегавати Сукарнопутри. Други го изразуваа своето незадоволство заради, како што велат, оскудниот третман што индонезиските работници кои се разбореле од САРС, го добиваат во Хонг Конг. Стотици работници се собраа и на улиците на Хонг Конг, жалејќи се дека работодавците го користат САРС како изговор за намалување на платите.

САРС-Вирус

Здравствената криза во Кина причинета од болеста САРС, влијаеше на прославата на Денот на трудот.

Властите ја скратија традиционално еднонеделаната прослава на овој празник, а милиони Кинези останаа во своите домови, за да го избегнат ризикот од инфекција. Во Пекинг се забележани мал број посетители на трговските центри и туристичките места. Минатата година, за време на празникот, 87 милиони луѓе го користеа јавниот и авионскиот превоз. Светската здравствена организација вели дека на болниците во Пекинг им е потребна поспецијализирана медицинска опрема за третман на овој вирус.

XS
SM
MD
LG