Линкови за пристапност

Најнови вести 30 април - 2003-04-30


Мировен план

САД побараа од Израелците и Палестинците да стават крај на насилствата и да се вратат на патот кон мирот, откако ја објавија таканаречената мапа кон мирот за Блискиот Исток. Копии од мировната иницијатива во три фази беа доставени денеска до израелскиот премиер Ариел Шарон и до новиот премиер на палестинската управа, Махмуд Абас. Во Вашингтон, портпаролот на Белата куќа Ари Флејшер кажа дека претседателот Буш и натаму се залага за решавање на израелско-палестинскиот конфликт. Тој рече дека г-динот Буш ги поздравува сите придонеси од двете страни кон овој документ. Објавувањето на овој долгоочекуван документ уследи неколку часа откако од нападот на палестински бомбаш самоубиец, загинаа тројца Израелци во еден ноќен клуб во Тел Авив.

Буш - Ирак

Претседателот Буш утре вечер ќе се обрати до нацијата од палуба на брод што е носач на авиони, при што ќе објави дека завршиле главните борбени операции во Ирак. Портпаролот на Белата куќа Ари Флејшер кажа дека претседателот ќе го одржи говорот на американскиот брод Абрахам Линколн во Пацифичкиот Океан, додека тој ќе патува кон Сан Диего, во државата Калифорнија. Белата куќа побара сите големи телевизиски станици да го пренесуваат говорот. Господинот Фејшер рече дека иако ова обраќање ќе означи важен момент, тоа нема да значи формален крај на непријателствата. Тој предупреди дека се уште има спорадична опасност во Ирак.

Стејт Департмент - тероризам

Американскиот Стејт Департмент соопшти дека опаднал бројот на меѓународните терористички напади во 2002 во споредба со претходната година. Презентирајќи го годишниот извештај за тероризам на Стејт Департментот, државниот секретар Колин Пауел кажа дека минатата година била одбележана со драматично зголемување на глобалното решавање на проблемите и на борбата против тероризмот, а опаѓање на бројот на нападите. Во 2002-та, имало 199 терористички напади во светот, што е помалку од 355 напади во 2001 година. Во овие напади минатата година загинале вкупно 725 лица. Списокот на Стејт Департментот на држави кои спонзорирале тероризам остана непроменет, а на него се наоѓаат Куба, Иран, Ирак, Либија, Северна Кореја, Сирија и Судан. Господинот Пауел повика на укинување на економските санкции против Ирак бидејќи Садам Хусеин веќе не е на власт.

Ирак инцидент

По втор пат оваа недела американските трупи пукале и убиле демонстранти во еден мал ирачки град. Сведоците велат дека најмалку две лица се убиени и 14 други повредени во денешниот инцидент во градот Фалуџа , на околу 50 километри западно од Багдад. Американската централна команда кажа дека војниците почнале да пукаат откако ирачки цивиле фрлале камења и пукале во американски воен конвој. Сведоци во градот велат дека не слушнале никакви истрели од кај демонстрантите. Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд денска престојуваше во Багдад, што претставува прва посета на овој град на американски претставник по соборувањето на Хусеин од власт. Во пораката што е снимена и ќе се емитува подоцна, тој на ирачкиот народ му порачува дека САД едвај чекаат да ја вратат контролата врз земјата во нивни раце.

Кина САРС

Новиот градоначалник на Пекинг вели дека медицинските објекти на градот и нивниот персонал се ангажирани до крајни граници со ширењето на смртоносната болест слична на грип, САРС. Ванг Кишан на новинарите во Пекинг денес им кажа дека ситуацијата е толку лоша што болниците одредени за прифаќање на случаи на САРС немаат доволно кревети за пациентите да добијат соодветен третман. Градоначалникот Ванг исто така кажа дека градот влошува многу труд само за одржување на нормалните услужни дејности на своите жители. Во пекинг, бројот на умрените од САРС достигна 75, со девет нови смртни случаи пријавени денеска. Во цела Кина, од болеста умреле 159 лица.

Северна Кореја

Северна Кореjа по трите дена на разговори со Јужна Кореjа уште еднаш ги обвини САД за обид да ја уништат комунистичката влада во Пјонгјанг. Во забелешките објавени во државните медиуми, севернокорејската влада кажа дека Вашингтон треба да се обвини за нуклеарната криза на полуостровот. Северна и Јужна Кореја по тридневни разговори денеска се согласија да соработуваат за наоѓање мирно решение за нуклеарната криза преку дијалог. Во севернокорејското официјално соопштение до медиумите стои дека непријателската американска политика го натерала Пјонгјанг да се определи за, како што се вели, неопходното одвраќање на сила. Некои набљудувачи таквото соопштение го толкуваат како скриена сугестија дека Северна Кореја има нуклеарно оружје.

XS
SM
MD
LG