Г-динот Хауард е лојален сојузник на САД, споделувајќи го стратешкото гледиште за глобалната безбедност и борбата против тероризмот. Австралија и Британија беа единствените земји што испратија свои трупи во кампањата под американско раководство за разоружување на Ирак и соборување на Садам Хусеин од власт.
Со отпочнувањето на реконструкцијата на Ирак, австралиските деловни претставници се залагаат да обезбедат некои продуктивни договори за помош при повторната изградба на земјата. Токму на оваа тема, г-динот Хауард се очекува неделава да разговара со претседателот Буш, при нивната средба во Крафорд, Тексас.
Австралиските трговски претставници веќе се во Вашингтон и лобираат за удел во градежните, инженерските, земјоделските и договорите околу нафтата, вредни милиони долари.
Пред војната, австралиските земјоделци беа светски најголемите извозници на жито во Ирак. Тоа беше бизнис вреден милиони долари и сега му се заканува опасност. Американските земјоделци, кои немаа пристап на ирачкиот пазар по Заливската војна во 1991-та година, сега се подготвени да ги пласираат своите производи.
Австралија е првата земја која испраќа комерцијална делегација во Вашингтон за да лобира за повоените договори.
Како дополнение, меѓу Камбера и Вашингтон во тек се преговори за слободна трговска размена. Владата на премиерот Хауард потенцираше дека поддршката на војната во Ирак не беше дизајнирана, со цел изнудување на полиберални трговски односи со најголемата економија во светот.