Линкови за пристапност

САД сметаат дека сега е вистински момент за решавање на израелско-палестинскиот конфликт - 2003-04-29


Американски владини претставници велат дека крајот на војната во Ирак ќе го сигнализира почетокот на огромните напори за обнова на израелско-палестинскиот мировен процес. Се очекува САД да ја објават тнр. мапа кон мирот чија цел е запирање на 31-месечното насилство во кое загинаа над 700 Израелци и околу 2.000 Палестинци.

Со започнувањето на обновата на Ирак, администрацијата на претседателот Буш го свртува вниманието на конфликтот меѓу Израел и Палестинците.

Клучниот документ е мапата што заеднички ја создаде квартетот - САД, ОН, Русија и ЕУ.

Државниот секретар Колин Пауел вели дека одлуката на Палестинците за именување нов премиер –Махмуд Абас, ќе води до процесот на имплементација на мапата - план што изложува мерки чекор по чекор за прекин на насилствата и создавање на палестинска држава.

„Ние сме охрабрени со новиот развој на настаните, со трансформацијата во Палестинската управа, со што на Палестинците им се овозможува да имаат премиер кој може да биде одговорен партнер во соработката со Израел и во соработката со САД, со членките на квартетот и со земјите во регионот, да се придвижиме кон нашата цел, а тоа е создавање на палестинска држава во периодот што го навести претседателот Буш, односно три години“, рече американскиот државен секретар.

Палестинските лидери сакаат овој план да биде имплементиран без промени, додека израелските претставници презентираа евентуални амандмани на планот.

Израелскиот амбасадор во ОН, Даниел Ајалон вели дека еврејската држава никогаш нема да прифати никакви услови што би им биле наметнати на страните или што ќе претставуваат закана за безбедноста на Израел. Сепак, додава тој, израелскиот премиер Ариел Шарон е подготвен да направи големи отстапки во полза на мирот.

„Тоа е процес на давање и земање. Тие имаат свои барања, исто како и ние. Треба да седнеме и да најдеме заедничка основа. Мојата поента е дека се треба и ќе биде направено на база на консензус, на директни преговори и врз база на договор меѓу нас и Палестинците. Се разбира дека ќе ни бидат потребни помош и олеснување од страна на меѓународната заедница, како финансиска и економска, политичка помош и друго“,вели израелскиот амбасадор .

Помошник-државниот секретар за блискоисточни прашања, Вилијам Брнс смета дека поразот на режимот на Садам Хусеин во Ирак создада дипломатска можност за обнова на мировниот процес на Блискиот исток.

„Ова, очигледно, е драматичен момент за регионот. Мислам дека тоа е момент кога многу народи и раководни структури во регионот внимателно гледаат на предизвиците пред нив, независно дали се работи за внатрешни економски и социјални реформи, или за долгогодишни регионални конфликти, особено израелско-палестинскиот конфликт. Мислам дека создава простор со активно американско водство да можеме да почнеме да се движиме во многу понадежна насока, одошто тоа беше случај во изминативе две и пол години. Никогаш не би ги потценил тешкотиите и предизвиците и немам илузии за патот што ни претстои. Но, навистина верувам дека сега е моментот за обнова на некаква конкретна надеж за Израелците и Палестинците“, смета г-динот Брнс.

Г-динот Брнс вели дека иако ЕУ, ОН и Русија ќе имаат конструктивна улога, цитираме „никој не може да го замени американското лидерство“ во обидот за запирање на израелско-палестинскиот конфликт.

Г-динот Брнс истакнува дека САД сега се подготвени да покажат, како што го нарече "енергично лидерство" во спроведувањето на мировниот план, во уште еден обид да се донесе мир на Блискиот исток.

XS
SM
MD
LG