За државниот секретар Колин Пауел нема дилеми за потребата од постоењето на НАТО и вели дека САД треба да продолжат со лидерската улога како и во изминатите педесет години. Господинот Пауел денеска сведочеше пред сенатската Комисија за односи со странство, за тоа во која насока оди трансформацијата на Aлијансата со претстојното проширување и особено за состојбата во НАТО настаната по Ирак.
Сведочењето на државниот секретар доаѓа еден ден пред расправата во истата сенатска комисија за ратификација на резолуцијата за проширување на НАТО со седум нови членки - Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Романија Словачка и Словенија, по што дискусијата ќе биде пренесена во Сенатот. Пред амбасадорите на новопоканетите држави од господинот Колин Пауел беше побарано да ја објасни стратегијата на администрацијата на долгорочен план во однос на Ирак, но и гледиштето во однос на новата улога што НАТО неминовно ја добива со проширувањето. Сенаторите посебно сакаа да знаат каков е статусот на односите со сојузниците.
Секретарот Пауел рече дека НАТО претставува повеќе од договор за колективна одбрана:
„Тоа е централна организаторска сила, со огромна мрежа на односи кои ги држат заедно Северна Америка и Европа“, кажа господинот Пауел, додавајќи дека „еден од новите предизвици против кои треба заеднички да се настапи е тероризмот, зашто тоа е единствениот начин тој да се победи“.
Се разбира дека ќе има несогласувања, кажа државниот секретар, но не смееме да заборавиме дека сите во НАТО сме демократии.
„Никој од нас не следи слепо. Ние дебатираме. Искажуваме несогласување. И во случаите кога не се согласуваме, ги засукуваме ракавите и се фрламе на работа заеднички да ги решиме проблемите. И конечно, тоа е нашата сила. И тоа е причината што транс-атлантската врска нема да се прекине“, рече тој.
Господинот Пауел вели дека најдобар доказ за опстанокот на НАТО е што многу држави чукаат на неговата врата барајќи влез.
„А таа врата останува отворена. Прага не е крај на процесот на проширување, туку само еден чекор на тој пат.Ги поздравуваме пријавите на Албанија, Хрватска и Македонија“, рече државниот секретар на САД.
Многу е важно да се опоравиме и да бидеме истрајни, зашто има многу работа што треба да биде завршена и многу сојузници кои сакаат да ја завршат, кажа господинот Пауел, наведувајќи ги како пример јужна Европа, Босна и Херцеговина, Косово и Македонија на кои се уште им треба приуство и внимание од НАТО.
„Во Македонија, токму сега, Европа за првпат ги распореди своите сили со околу 300 војници. Тие трупи на никаков начин не му противречат на НАТО, всушност тие ја нагласуваат важноста на Алијансата и ја дополнуваат нејзината работа, бидејќи командантот на европските сили одговара пред заменик -командантот на НАТО преку јужната регионална команда“, подвлече г-динот Пауел.
На крајот, државниот секретар сепак се огради од намерата да ја дефинира специфичната улога на НАТО во иднина.
„Во некои инстанци ќе оперираме како алијанса. Во некои, како членови на коалиција на држави со заедничка волја. Ние може да започнеме војна и ние секако ќе го одржуваме мирот“, рече државниот секретар.
Гласањето во Сенатот за прифаќање на членството на седумте нови членки во НАТО е планирано за седми мај.