Властите во САД ја зајакнаа предострожноста на аеродромите заради лица кои може да бидат заразени со вирусот на САРС. Од тешкиот акутен респираторен синдром досега починаа над 300 лица во светот.САД велат оти е прерано да се објави дека вирусот е под контрола во САД.
Веќе неколку недели, откако првите случаи на САРС беа откриени во Азија, американските царински службеници ги набљудуваат влезовите во земјата, како аеродромите и граничните премини, за да откријат дали некој покажува знаци на вирусот САРС.
„Ги набљудуваме и ги испитуваме патниците и оние кои преминуваат без оглед на тоа од каде доаѓаат“, вели портпаролот на американската Царинска служба, Џим Мичи.
Тој додава дека авионите кои во САД пристигнуваат од Кина и од другите области каде што има САРС се набљудуваат многу повнимателно од останатите.
„Повеќе внимание се посветува на патниците кои се симнуваат од авионите што доаѓаат од региони или држави каде што има епидемија“, рече г-динот Мичи.
Досега во САД има регистрирано само неколку случаи на САРС. Но веќе на север, 21 лице почина од овој вирус во Торонто, во Канада, каде што Светската здравствена организација советуваше да не се патува без голема потреба, а тоа е единственото место досега на американскиот континент каде што постои вакво предупредување.