Линкови за пристапност

Никола Димитров: Американско-јадранската повелба ќе биде потпишана на втори мај во Тирана - 2003-04-29


Американско-јадранската повелба првично требаше да биде потпишана на церемонија во Вашингтон, од страна на шефовите на дипломатиите на Македонија, Албанија и Хрватска. Амбасадорот Димитров вели дека промената на местото на потпишување е поради патувањето на американскиот државен секретар Колин Пауел на Блискиот Исток, закажано во последен момент.

„Потпишувањето ќе биде во Тирана, во Албанија, значи во регионот каде што и се роди оваа иницијатива и ќе биде задржан истиот датум, 2-ри мај, значи овој петок“, вели македонскиот амбасадор.

Амбасадорот на Македонија во Вашингтон вели дека Повелбата е добра вест и за регионот, и за НАТО, и за САД, но пред се за Македонија, Албанија и Хрватска, кои останаа надвор од Самитот во Прага, кога останатите седум земји од Вилнус групата добија покана за членство во НАТО.

„Со оваа Повелба на извесен начин добиваме официјализирана и јавна политичка поддршка и заложба на САД дека ќе бидат тука и ќе ни помогнат кон нашиот пат кон полноправно членство. Добра вест е исто така што три различни земји со свои проблеми од Балканот решија да соработуваат за да постигнат една заедничка цел што во целиот случај носи и регионална стабилност, на еден начин значи дека споделуваат иста визија,оти документот е своевидна политичка визија за иднината на регионот на Балканот и практично значи комплетирање на Европа во безбедносна и политичка смисла“,рече г-динот Димитров.

Повелбата, вели амбасадорот Димитров, е така поставена што се остава простор и за други земји кои останаа надвор од овој процес, во моментот кога тоа ќе биде возможно, да се приклучат на американско-јадранската иницијатива.

XS
SM
MD
LG