Линкови за пристапност

Најнови вести, 25 април - 2003-04-25


Завршија разговорите во Пекинг

САД, Северна Кореја и Кина ги оценуваат резултатите од разговорите што денеска завршија во Пекинг без знаци на прогрес во надминувањето на севернокорејската нуклеарна криза. Висок претставник на Стејт департментот за Гласот на Америка изјави дека САД не се разочарани од разговорите, и покрај тоа што Северна Кореја соопштила дека има нуклеарно оружје. Тој кажа дека признанието на Пјонгјанг не е изненадување. Северна Кореја соопшти дека делегатите излегле со нов предлог за да се помогне во решавање на нукларното прашање, но не наведува за каков предлог се работи. Кинеските претставници велат дека разговорите завршиле со ракување на учесниците и ветување за продолжување на дипломатијата. Засега не е одреден датум за наредната средба.

Обраќање на Трајковски

Македонскиот претседател Борис Трајковски ги отфрли повиците за негова оставка откако го запре гонењето на неговиот политички сојузник заради нелегално прислушување. Господинот Трајковски денеска во македонскиот парламент кажа дека немал “намера да дозволи никаков притисок“ или како што го нарече “уцена“, од каде било да потекнува и со каква било цел.

Ирак ново апсење

Еден американски претставник вели дека поранешниот шеф на ирачкото разузнавање, Фарук Хијази, се наоѓа во американски притвор.

Американските официјални лица апсењето на г-динот Хијази го сметаат за важен чекор иако тој не е на американската листа на 55-те најбарани Ирачани. Американските претставници го обвинија г-динот Хијази дека се сретнал со Осама бин Ладен во 1998-та година. Тој бил и директор за надворешни операции во ирачката разузнавачка агенција, кога агенцијата наводно се обидела да изврши атентат врз поранешниот претседател Буш за време на неговата посета на Кувајт. Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд повтори дека САД нема да дозволат во Ирак да биде формирана влада во ирански стил предводена од свештеници.

САД економија

Економските извештаи покажуваат дека американската економија и натаму се соочува со проблеми, но некои новини даваат причини за надеж за пресврт во втората четвртина од годината. Одделот за трговија денеска соопшти дека Бруто домашниот производ забележал мал пораст во првата четвртина, но тоа е далеку од очекуваното. Оддеот вели дека несигурноста поради војната во Ирак и долготрајната зима придонеле за намалена потрошувачка. Но другите извештаи говорат дека пазарот на нови недвижнини во март постигнал добри резултати, додека се бележи неочекувано намалување на продажбата на стари градби. Најохрабруваки е извештајот за зголемување на потрошувачката доверба, како резултат на завршувањето на војната. Централната банка вели дека ќе го има предвид овој извештај, при донесувањето на одлуката на почетокот на идниот месец за тоа дали да се променат каматните стапки.

XS
SM
MD
LG