Линкови за пристапност

Пентагон добил корисни информации од уапсените Ирачани - 2003-04-25


Господинот Рамсфелд не специфицираше какви информации американската истрага добила од досегашните испрашувања на високи ирачки приведени лица.

Но, американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд на новинарите во Пентагон им кажа дека добиените информации биле корисни.

“Можете да бидете сигурни дека луѓето за кои имаме причина да веруваме дека имаат информации и кои се испрашувани од екипи на агенцијата, всушност ни даваат информации кои се многу корисни“, изјави Рамсфелд.

Меѓу последните и најпознати приведени лица е поранешниот ирачки заменик премиер Тарик Азис кој се предаде на американските претставници неделава во Багдад.

Господинот Рамсфелд се надева дека господинот Азис исто така ќе обезбеди значајни информации, можеби дури за судбината на Садам Хусеин и неговите синови или пак за локацијата на ирачкото хемиско или биолошко оружје.

“Тој очигледно е лице од високите редови и бил во режимот така што со него имаме намера да разговараме за се што тој ќе сака да разговара со нас“, кажа американскиот државен секретар.

Господинот Рамсфелд не сакаше да каже каде се држат во притвор оние Ирачани од листата на 55-те најбарани кои се уапсени.

Но тој јасно стави на знаење дека не се планира ниту озлогласените заробеници ниту другите околу 7.000 ирачки затвореници да бидат испратени во Заливот Гвантанамо на Куба, каде што се наоѓаат терористите од Авганистан.

Господинот Рамсфелд рече дека е поадекватно и поевтино тие да останат во Ирак.

Тие треба да бидат таму задржани одредено време, бидејќи е многу поповолно да се држат во ирачки затвори отколку да се градат затвори во Гвантанамо и таму да се префрлаат.

Во меѓувреме, вели господинот Рамсфелд, и натаму се истражуваат локациите за кои постои сомневање дека Ирак има скриено хемиско и биолошко оружје.

Но тој не соопшти дека има некакво значајно откритие, велејќи дека претстои уште долг пат и потврди дека се посетени само мал дел од потенцијалните локации.

XS
SM
MD
LG