Линкови за пристапност

Вашингтон бара Северна Кореја да ја прекине нуклеарната програма - 2003-04-25


Портпаролот на Белата куќа Ари Флејшер вели дека американските официјални лица и соопштиле на Северна Кореја дека иднината на нејзините односи со остатокот од светот зависи од тоа дали нејзината програма за нукеларно оружје ќе биде прекината на проверлив начин и неповратно.

На крајот од тридневните разговори во Пекинг, Северна Кореја соопшти дека понудила сосема нов предлог за решавање на проблемот, но не појасни за што се работи.

Г-динот Флејшер рече дека вакви прелиминарни разговори се корисни, но го повтори незадоволството на администрацијата со она што претседателот Буш го нарече „стара игра на уценување“.

Г-динот Флејшер кажа дека Северна Кореја е уверена оти "лошото однесување" ќе биде наградено со економска помош. Пјонгјанг има „пред се уникатен начин на дискутирање“, рече г-динот Флејшер. "Заканата е дел од нивниот речник“.

Тој го истакна значењето на улогата на Кина во овонеделните разговори, велејќи дека Пекинг, како и Вашингтон, се противи на постоењето на нуклеарни програми на Корејскиот полуостров. Г-динот Флејшер рече дека признавањето од страна на Северна Кореја дека поседува вакво оружје е во спротивност на она за што Кина се залага. Тоа што Кина има значајна улога во оваа криза, рече тој, има исклучителна важност.

XS
SM
MD
LG