Русија и Полска потврдија дека потпишале воена спогодба со цел да започнат нови односи една деценија по распаѓањето на Советскиот Сојуз.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Иванов кажа дека Москва и Варшава „се упатиле кон ново ниво на соработка“ во воено-технолошката сфера.
Како и другите членки на НАТО, Полска е под притисок да ја модернизира својата армија според стандардите на Алијансата.
Во договорот со Русија главно е опфатено одржување и поправка на воената опрема што Москва и ја продала на Полска во советската ера. Тоа е релативно малку во споредба со договорот на Варшава со Вашингтон од неколку милијарди долари, што минатата недела беше потпишан со американската компанија Локед-Мартин. Полска се согласи да купи 48 борбени авиони Ф-16 по цена од 3,5 милијарди долари. Тоа е најголем одбранбен договор потпишан досега со некоја од поранешните сателитски држави на Советскиот сојуз. Американските авиони ќе ги заменат старите полски авиони „Миг“ од советско производство.
Полска го избра договорот со Локед-Мартин, поддржан од американската Влада, во конкуренција на две европски понуди, шведско-британскиот Грипен џет и француските авиони „Мираж 2000“.
Оваа воена зделка се смета за успех на американската одбранбена индустрија, која лобира во поранешниот источен блок уште од крајот на Студената војна. До неа дојде и покрај извесната загриженост во регионот заради силно американско присуство.
На пример, едно ново истражување на јавното мислење во Унгарија, покажа дека половината Унгарци се против статусот на САД како единствена светска суперсила.
Истовремено, владите на новите членки на НАТО, Унгарија и Чешката Република, јасно ставија на знаење дека сакаат да најдат поевтини начини за подобрување на нивните воени можности што потекнуваат од советската ера.
Чешкото Министерство за одбрана размислува да купи употребени суперсонични борбени авиони за да ги намали трошоците за замена на руските МИГ-ови идната година. Прага вели дека сега има неколку понуди, од Белгија, Канада, Британија, Турција и Израел. Унгарија веќе тргна по поевтин пат, со изнајмување на 14 шведско-британски авиони „Грипен“ за да ги исполни обврските кон Алијансата. А Словачка, која е поканета за членство во НАТО, се одлучи на релативно евтина модернизација на нејзините авиони „Миг 29“.
Аналитичарите велат дека одлуките на Словачка и Полска да ги одржуваат воени односи со Русија се дел од напорите да се избегне лидерите во Москва да се чувствуваат изолирани, додека нивните поранешни сателитски држави развиваат се поблиски односи со Западот.
Во време кога се очекува НАТО да се прошири со уште најмалку седум источноевропски држави во мај 2004-та, натпреварот за зделки со нив, меѓу западните земји и компании е уште на почеток, како и обидите да се најде вистински начин да се одржат отворени каналите со Москва.