Линкови за пристапност

Меѓународниот туризам во очигледен застој - 2003-04-24


Наречете го тоа збир на лоша среќа: војна, болест, страв од тероризам и глобален економски пад, но сите тие заедно го доведоа меѓународниот туризам во очигледен застој. Најголем број од американските авиопревозници ги ставија во мирување летовите кон Азија и го намалија нивниот број кон Блискиот Исток.

Други авиопревозници едноставно отидоа под стечај. Токму затоа, американските туристички оператори ги стискаат палците за мал бум ова лето, барем на домашен терен.

Кети Пелаз, извршен директор на туристичката агенција Либерти Травел која во околината на Њујорк има над 200 канцеларии, вели дека Американците се двоумат дали да патуваат, првенствено поради актуелната економска ситуација дома и случувањата во странство.

„Туристичките патувања се во мирување. Мислам дека многумина од патниците се во ситуација на очекување што ќе се случи. Ситуацијата не е како по 11-ти септември, кога дојде до откажувања на туристички аранжмани. Конкретно во САД не постои голем бран откажувања како во периодот по 11-ти септември, туку гледаме дека луѓето привремено ги ставаат плановите во мирување“, вели госпоѓа Перез .

Таа, како и другите туристички оператори е внимателен оптимист дека со наближување на летото, луѓето повторно ќе почнат да патуваат.

„Во моментов најпогодени се прекуокеанските дестинации, во Европа и Азија. Но, на некој начин, неизбежно е дека луѓето кои одлучиле да не патуваат преку океанот и натаму ќе сакаат да заминат на одмор. Тоа би можело да се одрази поволно на домашниот туризам – Карибите, Хаваите, па дури и во непосредно соседство, како Мексико, на пример, истакла госпоѓа Перез.

Некои туристички комапнии како Kerzner International Resorts, во чија сопственост е комплексот Атлантис на Бахамите со 230 соби, веќе започнуваат да чувствуваат дека нешто се менува во тоа каде Амриканците ќе појдат на одмор ова лето. Летот од Мајами до Бахамите трае 45 минути, а од Њујорк три часа.

Извршниот потпретседател на Kerzner, Хауард Караван вели дека Атлантис, каде изнајмување на соба за една ноќ чини 900 долари, во март биле пополнет 90 проценти, истакнувајќи дека бројот на резервациите во изминативе недели се зголемимил за 50 проценти.

„Бидејќи Бахамите се близу до дома, тие се сметаат за безбедно место. На Бахамите има американска агенција за имирација и американска царина. Останатите наши хотели се на Индискиот Океан и таму имаше помала заинтересираност, бидејќи за да се стигне до таму, потребно е да се прелета Блискиот Исток“, рече господинот Караван.

Од сите туристички пазари, најмногу страдаше Азија, главно поради Тешкиот акутен респираторен синдром-САРС, што го зафати регионот.

Луи Ји, претседател на туристичката компанија Лотус со седиште во Сиетл, која организира луксузни патувања во Кина, Камбоџа и Виетнам, вели дека туристичките патувања од задоволство се сведени на нула.

„Во изминатите четири до шест недели откажани се сите вакви патувања. Луѓето сакаат да почекаат и да видат дали ситуацијата во Кина е под контрола, пред повторно да направат резервација“, истакна господинот Ји.

Тој е уверен дека ќе поминат најмалку шест месеци додека епидемијата биде ставена под контрола, пред луѓето да започнат да патуваат во Азија. Господинот Ји вели дека негови единствени клиенти кои се уште патуваат во регионот се родителите кои посвојуват деца и кои повеќе од една година чекаат дозвола за да ги донесат бебињата во САД. Тој истакнува дека дури ни епидемијата не ги спречила овие родители да патуваат во Кина.

XS
SM
MD
LG