Господинот Пауел вели дека разговорите во Пекинг биле прелиминарни, односно дека немало план да се постигне некаква спогодба. Тој се надева оти севернокорејската делегација ќе се врати дома со јасна претстава за загриженоста на светот заради нивната нуклеарна програма. Зборувајќи пред една азиска политичка група во Вашингтон, господинот Пауел не даде детали за разговорите, но кажа дека Севернокорејците треба да знаат дека ништо нема да постигнат со закани.
„Тие не би требало да заминат од оваа серија дискусии во Пекинг со илузија дека САД и нивните партнери и земјите во регионот ќе бидат заплашени од воинствени изјави или од закани со кои сакаат да привлечат повеќе внимание“, истакна секретарот Пауел.
Господинот Пауел кажа дека американската влада сака да се најде дипломатско решение но дека, цитираме, нема да симне ниту една опција од масата. Тој исто така рече дека Северна Кореја не треба да се плаши да ја прекине својата нуклеарна програма, и додаде дека државите во регионот се подготвени да и помогнат да излезе од изолацијата и сиромаштијата.